СДСМ и ДУИ можеби „не се сјајна власт и можеби некои функционери се дрски и безобразни, но проблемите се решаваат и се обезбедени пари за се“.

Ова  синоќа, меѓу другото, од Струмица, од граѓанската трибина „На прав пат“, го порача премиерот Зоран Заев. Покрај искреноста и признанието дека и Владата прави грешки, забележлива е променетата терминологија. Така, ако до сега премиерот од петни жили не убедуваше дека блескаме, сега одеднаш се трансформира во тоа дека – СДСМ и ДУИ не се сјајна власт!

Иако за некого можеби ќе стане збор за нијанси или за обична игра на зборови со, сепак, исто значење, семантички гледано одговорот произлегува од Дигиталниот речник на македонскиот јазик.

Зборот блеска е  несвршен глагол и има две значења. Првото, дека нешто силно свети, одразува силна светлина, силен сјај. А, како примери се наведени – Августовското сонце блескаше, Во полутемнината блеска месечината, Блеска златниот медал, Езерото блеска со стаклест сјај. И тука значењето на блеска е служично со ласка. Второто значење, пак, е дека прави впечаток, се истакнува со добри својства. Наведени примери се – Излогот блескаше, Поларните масички блескаа, Блескаше нејзината насмевка, Сините очи блескаа од радост и Блескаше ум во неговиот говор.

Зборот сјајна произлегува од сјаен и во македонскиот јазик е придавка и во Дигиталниот речник има дури четири значења. Прво, нешто што сјае, што дава силна светлина. Сјајното сонце е наведениот пример, а слично значење има со придавките светол и блескав. Второто, нешто што се одликува со чистота на својата боја,а како примери се дадени сјајни ленти, сјајни бои. Третото значење е нешто што се изделува сред другите и ова има преносно значење при употребата. Како примери се наведени сјаен талент, сјаен човек и има слично значње со придавката посебен. И четврто, нешто што остава силен впечаток и во употребата има преносно значење. За примери се наведени – сјаен пречек, сјаен говор, сјаен доказ, сјаен пример, сјајна одбрана. Има слично значење со придавките убедлив и величествен.

Дали и колку премиерот прави разлика меѓу глагол и придавка е негова работа, но вистината е дека призна оти не блескаме.