Премиерот Зоран Заев се сретна со делегација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) претставници на синдикатите и членки на ССМ.

Владината прес-служба соопшти дека учесниците на состанокот го поздравиле напредокот на социјалниот дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и Владата како движечка сила за зголемување на економскиот просперитет и заклучиле дека е потребно понатамошно унапредување.

Премиерот Заев истакна дека Владата на Северна Македонија останува цврсто на определбите да биде партнер во социјалниот дијалог, давајќи значаен придонес за унапредување на правата на работниците во соработка и партнерски однос со синдикатите и работодавачите. Во рамките на состанокот се отвори дебата за состојбите со кои се соочуваат синдикатите и беше истакната поддршката на државата за Општите колективни договори за стопанството. Се разговараше за потребата од исплата на регрес за годишен одмор и за јавната администрација, како и за покачување на платите на работниците – се наведува во соопштението на владината прес-служба.

Заев истакнал дека  улогата на синдикатите е да бидат будно око за правата на работниците и подвлече дека Владата работи на мерките за обезбедување поголема сигурност и подобрување на животниот стандард на работниците, како партнер во социјалниот дијалог заедно со Синдикатот и работодавачите.