Македонија и Словенија имаат одлични билатерални односи, добра парламентарна соработка, а потребно е посебно за интензивирање на економската соработка и на планот на заедничките активности во НАТО и во процесот на интеграцијата на нашата земја во Европската Унија.

Ова го констатирале на денешните средби во Љубљана претседателот на Владата на Македонија, Зоран Заев со претседателот на Словенија, Борут Пахор и со претседателот на Државниот збор, Дејан Жидан.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев и Пахор ги потврдиле одличните билатерални односи меѓу двете земји и традиционалното пријателство и размениле мислења за идните можности за развивање на односите, посебно за интензивирање на економската соработка и на планот на заедничките активности во НАТО, и во процесот на интеграцијата на нашата земја во ЕУ.

Премиерот Заев изразил голема благодарност до претседателот Пахор за големата и безрезервна поддршка што Словенија и ја пружа на Македонија во процесот за наше пристапување во НАТО и ЕУ.

На средбата со претседателот на Државниот збор на Словенија, премиерот Заев и претседателот Жидан ја нагласиле исклучително добрата парламентарна соработка, можностите за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, а се зборуваше и за поддршка и размена на искуства од Словенија во процесот на почнување на преговори на нашата земја со Европската Унија.

Во оваа прилика премиерот Заев му се заблагодарил на претседателот на Државниот збор, Дејан Жидан за ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО и информираше дека веќе 13 земји членки на НАТО го ратификуваа документот со што се отвора шанса Македонија до крајот на годината да го добие статусот полноправна членка на Алијансата.

На средбите биле упатени честитки за степенот на реализацијата на реформските процеси во нашата земја и беше нагласена огромна поддршка од Република Словенија за добивање датум за започнување на преговори за членство на Македонија во ЕУ.

Во рамките на официјалната посета на Словенија, премиерот Заев е придружуван од заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и од министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска.