Интеграциите не можат да продолжат со некој што не употребува С од Северна Македонија. Тоа значи ќе не скараат со Грција, Бугарија, Албанија, Косово, Србија, целиот свет.

Вака на нарачано прашање им се закани на граѓаните пред вториот круг од локалните избори премиерот и лидер на отворено пробугарското крило на владејачкиот, некогаш државотворен СДСМ, угледниот, достоинствен и чесен Зоран Заев.

За жал, и со оваа изјава уште еднаш потврди дека неговата необолшевичка, чисто сталинистичка ментална матрица не направила никаков исчекор по претрпениот дебакл на првиот круг од локалните избори и само поделбите во општеството и натаму остануваат негова приоритетна политичка линија на делување.

Просто зачудува фактот дека и по речиси пет години практикување на власта Заев не сфаќа една елементарна работа. А, тоа е дека не е проблемот во употребата на тоа „С“, туку во понижувањето и срамот да се употреби тоа на „М“. Било да станува збор за Македонија, било за Македонци, па најлесното решение е да се заменат со македонското знаме, што широко ги отвара портите за создавање на некаков новокомпониран „северномакедонски/а/о“ народ и нација! Дека е така најдобро потврдува фактот дека јавноста ниту еднаш не слушна јавна реакција на употребата на исклучително навредливиот термин „северномакедонци“, што веќе наголемо се употребуваат и користат во медиумите токму од соседните држави, па и во светот, анализира „Пресинг ТВ“

На Заев не му е јасна уште една работа. По сите понижувања и распродажба на државните и национални интереси, особено со промената на името за севкупна употреба, што не беше прифатено, ниту беше опција за ниту еден досегашен премиер или претседател на државата, и петгодишно дете да беше на неговата премиерска позиција ќе го постигнеше истото, што сега тој го смета за некаков негов голем успех! А, успех не може да биде само приемот во НАТО, без започнати преговори и членство во ЕУ. Цената за тоа, покрај промената на името за севкупна употреба, допрва идентитетски ќе ја плаќаме во односите со Бугарија, поради бесмислениот потпис на договорот во чија основа е „заедничката историја“.

Никој не го влечеше Заев за јазик за да каже, меѓу другото, дека сме еден народ, дека немало бугарска окупација, туку администрација, да го брише терминот фашистички од спомениците на НОБ, да и даде приоритет на историјата, наместо на сегашноста и иднината. Впрочем, најголема потврда дека оди во сосема погрешен правец беше обраќањето на Бранко Црвенковски, поранешниот претседател, премиер и лидер на, очигледно промакедонското крило на некогаш државотворниот СДСМ. Ама апологетите на Заев сторија се за да ги релативизираат пораките на основачот на партијата, што сега ја води муртинскиот итрец.

И сега кога Заев ја плаќа цената пред граѓаните за неговото лошо практицирање на власта се обидува како страшило да ја претстави најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Демек таа ќе не скарала со соседите и целиот свет. Ајде мајката, што би рекол самиот.

А, за што и со кого ВМРО-ДПМНЕ би се карал?! И во соседството и во светот? Што остана што Заев не им даде, па ВМРО-ДПМНЕ да се кара?

За што ВМРО-ДПМНЕ би се карала со Албин Курти, другарот на Заев, кој на локалните избори во Косово не успеа да освои ниту една општина? За што ВМРО-ДПМНЕ да се кара, за издадените пасоши на наркодилери од целиот Балкан и од светот? За црквата во Црна Гора или за вакцините добиени од Србија? За што ВМРО-ДПМНЕ би се карала повеќе или помалку од Заев со Бугарија? Или он е подготвен до крај да не побугарчи?! За што ВМРО-ДПМНЕ би се карал со светот? За употребата на тоа „С“ или за употребата на тоа „М“? Па тоа е регулирано и во Договорот и во препораката на нашето МНР! Впрочем, не попусто народот рекол дека тоа што една будала ќе го расипе, не можат да го поправат ни илјада паметни!

-Не можам да водам влада напред, ако првите луѓе на градовите и селата враќаат назад, ќе рече уште Заев, додавајќи дека „не може Скопје и општините да влечат назад, а Владата да води напред“.

Да, одговарајќи, односно читајќи го одговорот на истотот фингирано прашање. Е добро, како без Скопје и скопските општини Заев се нафати да биде премиер во 2017 година? Или тогаш беше во транс и ништо не му пречеше! Тогаш скопјани не беа единствената „културна и интелектуална елита“ во Македонија.

Не е во тоа штосот. Заев сега може да им се додоворува на скопјани колку сака, да им ветува и брда и долини, но залудно му е.

Зашто, Зоран Заев во суштина не може да води ни куќен совет, а не пак Влада на Македонија или единствен, државотворен и интелектуално силен СДСМ, со целосно скопско крило во него, кое знае да направи разлика меѓу способност и неспособност, меѓу криминал и корупција од една, и владеење на право од друга страна, или меѓу простаклук, сељаштво и неконтролирана моќ на едно „семејство“ и вистински вредности.

Едноставно, парите на „семејството“ го изгубија својот сјај и значење не само за скопјани, туку и за правите и вистински социјалдемократи.