Инклузивниот процес во Собранието ќе заврши успешно, уверен премиерот Зоран Заев, во одговорот на прашањето во врска со уставните измени, согласно Договорот од Преспа.

Во изјава за новинарите во Лисабон, во рамки на дводневната работна посета на Португалија и неговото учество на Конгресот на ПЕС, премиерот рече дека верува дека ќе се соберат сили да се обезбеди двотретинско мнозинство како што се обезбеди на самиот почеток, за да се отворат уставните промени.

Дебатата во парламентот, како што кажа Заев е многу конструктивна, квалитетна и верува дека преку тоа граѓаните ќе дознаат и за сите детали од самиот Договор со Грција.

Со овој Договор,  а и претходно со Договорот со Бугарија, ние ги затворивме нашите билатерални проблеми, кои што ги имавме со соседите. Стануваме нормална земја, европска земја, каде што заедно со реформите се надеваме, убедени сме дека навистина ќе бидеме следната, триесетта земја-членка на НАТО и во јуни 2019 година, ќе ги отпочнеме преговорите со отворање на Поглавјата за Европската Унија“, рече премиерот Заев.

На прашањето на медиумите за бегството на претходниот премиер, Никола Груевски, Заев рече дека согласно меѓународните стандарди и конвенции Груевски треба да биде вратен на издржување на правосилната судска пресуда во Македонија.

Тој изрази надеж дека Унгарија ќе ги преиспита одлуките и ќе го врати на издржување на казната.

За нас е тоа многу горчливо чувство заради тоа што од една земја членка и на ЕУ и на НАТО, ваков сигнал да добиеме како земја кандидат навистина е непријатно. За нас, владеењето на правото, е светост, за нас европските вредности се светост. Ние се надеваме на тие европски вредности и веруваме дека навистина Унгарија ќе ги разгледа своите одлуки, ќе одговори на нашите барања и ќе го врати Никола Груевски на издржување на казната“, рече премиерот.

Премиерот Зоран Заев, на покана на Конгресот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), беше говорник на панелот посветен на новите лидери на Европа што денеска се одржа во Лисабон, Португалија, во рамките на неговата дводневна работна посета на оваа земја.