Процесот на разговори за заеднички кандидат продолжува, вели премиерот Зоран Заев.

„Ние утре ќе имаме  координација, на која очекуваме сублимат од сите политички партии, анализите кои ги направија, конкретни имиња да сугерираат, а утре вечер СДСМ почнува да одлучува на база на тие анализи кои ги имаме и сопсвени и од партнерите“, изјави Заев.

Тој додаде дека утревечер СДСМ ќе почне да одлучува врз база на сите анализи и информации кои како партија ги имаат, од сугестиите од своите тела, но и од сугестиите од партиите со кои, како што истакна, сакаат заедно да застанат зад заеднички кандидат.

„Имаме преважни работи пред нас, работи кои се важни за државата и граѓаните. Една од нив е можноста да се застане зад заеднички кандидат и заради едно општество за сите и заради иднината на нашата земја“, рече Заев.

Според него, нема поголеми проблеми меѓу коалициските парнери, а одредени слабости, рече, веројатно се наше секојдневие, и ќе ги решаваме. Но, додаде Заев, во никој случај тие не треба да ги загрозат глобалните процеси кои се важни за сите граѓани и државата.