Северна Македонија спроведувајќи ги сложените реформи клучни за демократијата и транспарентност на институциите бележи напредок и претставува пример во регионот.
Ова денеска е истакнато на средбата во Владата меѓу премиерот Зоран Заев со делегација на Националниот демократски институт (НДИ) од Вашингтон предводена од претседателот на Институтот, Дерек Мичел, соопшти владината прес-служба.
На средбата, на која присуствуваше и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, позитивно е оценета соработката и поддршката која ја дава Националниот демократски институт на земјава, која, како што посочи премиерот, е од голема помош за зајакнување на демократските процеси во земјава и е голем поттик дека државата се движи во вистински правец, обезбедувајќи бенефити и просперитет за сите граѓани.
– Ние одржуваме политички дијалог со опозицијата, кој е важен за продолжување на реформите и за стабилноста на земјата, што е позитивен сигнал за инвеститорите. Ја обновивме демократијата и сме посветени на нејзиното подобрување. Главниот стимул, сила и капацитет за сложените реформи, како што се владеењето на правото, судството, антикорупцијата и реформите на јавната администрација доаѓаат од перспективите, кои се и наша цел, а тоа е членството во НАТО и Европската Унија, рече Заев.
Тој, притоа, ги потенцира очекувањата за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ ова лето.
Претставниците на НДИ, изразија задоволство од напредокот и соработката на јавните институции, како и проектите кои се однесуваат за подобрување на работата на Собранието и негово доближување до граѓаните. Беа истакнати иницијативите и соработката во насока на унапредување на вклучувањето на жените во што повеќе активности и раководства, истражувањата на јавното мислење и други граѓански и политички права.
Comments are closed for this post.