Не само законски, туку треба да направиме реформи и во нашите глави, посебно кога станува збор за правосудството. Треба европски да се однесуваме, не ни треба веќе клиентелизам. Тоа време заврши. Пресуди треба да се носат само врз основа на докази, истакна премиерот Зоран Заев во вечерашното гостување на 1ТВ, прашан за различните ставови на власта и опозицијата околу донесувањето на законот за СЈО.

Заев за законот сепак очекува поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, но и од ДУИ. Верува дека како што успеал со соседите, така ќе успее и дома. Во тек се, рече, преговорите, има средби министерката за правда со првите претставници на ВМРО-ДПМНЕ. За суштината, според него, треба да се зборува со аргументи.

Постигнавме навидум невозможни работи. Верувам дека и ова ќе го постигнеме. Без таа работа не биваат преговори и обврска е на сите. Мора да бидеме одговорни. Катица Јанева и нејзиниот тим во најтешкото време беа искрата надеж за враќање на правната држава и на добар пат сме. Ако се откажам од нешто што е вредно и принципиелно, тоа ќе зборува за мене. СЈО е независно јавно обвинителство кое ја заврши работата и сега продолжува понатаму. Немаме право да се откажеме од него, зашто ќе го унитшиме и другиот дел од јавното обвинителство во државата“, рече премиерот.

Нагласувајќи дека не е приврзаник на притворите, укажа дека секого ќе го стигне законот, зашто материјалните докази останаа иако поминаа првично договорените 18 месеци на СЈО.

Заев рече дека последен пат се видел со Мицкоски на тв-дуелот, а претходно во Владата кога зборувале за претседателските избори и за СЈО.

Тогаш го отворив и прашањето за помирувањето. Нашите кабинети комуницираат за да ги координираме преговарачките тимови. Даваме шанса, немам проблем со антагонизмот. Немам ниту лоша мисла. Успеав со соседите со таква политика, верувам дека и дома ќе успеам. Треба заедно да сработиме многу работи, но да се откажеме од минатото што го имаше ВМРО-ДПМНЕ. И вечерва на конвенцијата на Пендаровски реков дека би работел со Мицкоски, но ако се откаже од политиките што неговата партија ги водеше во претходните 11 години“, подвлече Заев.