Во интервју за „Коха“ премиерот Зоран Заев истакна дека на државата не ѝ се потребни предвремени парламентарни избори.

Во отсуство на суштинска аргументација не треба да има предвремени парламентарни избори и по две децении ред е да одиме на редовни во 2024 година со цел да се даде шанса економијата да живее, да функционира општеството и граѓаните да си го планираат својот живот и својата работа  – истакна Заев.

Заев посочи дека извесен период Парламентот беше блокиран поради пратеници болни од КОВИД -19, но тоа веќе нема да може да злоупотребува како аргумент бидејќи е во тек ревакцинацијата на пратениците.

Воедно претседателот на Владата нагласи дека е нереално во отсуство на квалитетни концепти и стратегии од најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ, таа да формира поголемо парламентарно мнозинство од актуелното, особено што досега преку користењето на деловничкото право да се поднесат илјадници амандмани само ја кочеа работата на Парламентот особено во Комисии каде што претседател е од опозицијата или слично, а тоа не се решава со нови парламентарни избори есента.

Сега ни претстојат локални избори, многу важни избори за градоначалници и советите во општините. Исклучително значајни за животот на граѓаните, бидејќи секојдневното функционирање во огромен процент е врзан со општината. Под надлежност на општините се школите, градинките библиотеките, пожарните, комуналните претпријатија и нивното квалитетно функционирање е многу важно за секојдневието на граѓаните – посочи Заев.

Во однос на локалните избори тој истакна дека СДСМ ќе продолжи да ја негува отвореноста кон сите етнички заедници и градењето коалиции, бидејќи на ваков несебичен начин делејќи ја власта се добива во квалитет и таа станува подемократска.

Лани ја направивме првата целосно мултиетничка коалиција со Движењето БЕСА, којашто влезе со нас и веројатно заедно ќе одиме на овие избори. Ќе направиме сè да одиме заедно како и со нашите други коалициони партнери, дали тоа ќе биде во втор круг или во прв круг зависи од кандидатите – истакна Заев и додаде дека тоа е многу логично, природно и демократски.