Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека Собранието на Македонија, и покрај тоа што следуваат предвремени парламентарни избори на 12 април, треба да биде функционално кога ќе дојде редот на државата да го ратификува своето членство во НАТО.
Според шефот на македонската Влада, треба да се остави простор да се измени консензуалното решение за денот на изборите заради ратификувањето на пристапувањето во НАТО во македонскиот парламент.
Во моментов уште три земји треба да го ратификуваат пристапниот протокол на Македонија во Алијансата, по што се очекува истото последна да го направи Македонија преку своето Собрание по што и официјално земјата ќе се смета како 30-та членка на НАТО. Ова се очекува во периодот февруари/март но истовремено тогаш треба да се распушти и законодавниот дом, а Заев вели дека се зависи од претседателот на Собранието, Талат Џафери, чие мислење треба да биде почитувано.
Изборите се на 12 април, но секако се остава можност тоа повторно да се разгледа заради ратификацијата за членство во НАТО. Ние веројатно нема да дозволиме како држава да немаме парламент кога ќе треба ние да ратификуваме. Сите 29 земји-членки ратификувале и кога ќе дојде до Република Северна Македонија, оп ние немаме парламент. Тоа не смееме да го дозволиме, рече Заев денеска на отпочнувањето на градежните работи на патот од село Бутел до село Љуботен, Скопје.
Тој додаде дека собранискиот спикер Џафери води грижа и за тоа прашање. Рече дека ја почитува неговата одлука, Собранието да биде распуштено во рок од 60 дена пред изборите, но и дека државата треба да биде функционална кога носи вака историски одлуки.
Comments are closed for this post.