Покрај основните задачи на заедничката комисија, во правилата за нејзина работа е запишано дека ќе даваме препораки за промени и во музејските поставки.

Успеавме да го видиме Музејот на револуционерната борба во Скопје, кој е далеку од научните стандарди и во чија поставка се неопходни сериозни промени. Кога и дали сите бугарски барања ќе бидат исполнети, зависи единствено од поготвеноста на Р. Северна Македонија да го следи патот на европските интеграции.

Во Скопје очигледно сметаат дека потпишаниот Договор за пријателство и добрососедство е неопходниот билет за европската иднина, но и дека неговата примена може да чека. Одлагањето на поканата за членство во ЕУ, меѓутоа е јасен сигнал дека неопходните реформи и отстранувањето на конфликтните проблеми со други држави треба да се случат. Општества без храброст за вистината и без сили за промени се осудени на пропаст. Се надевам дека покрај Вардар сепак го разбираат тоа и дека ќе ја оценат поддршката, што ја добиваат од Бугарија.

Ова во интервју за софиски 24 часа го изјави Ангел Димитров, првиот човек на бугарскиот дел од Заедничката македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и учебниците.

Одговарајќи на прашање поврзано со Илинденско-Преображенското востание и Гоце Делчев, Ангелов, меѓу другото, вели:

-Тој (Гоце Делчев н.з.) не е аморфна слика, што удобно ќе прелетува меѓу двете држави, туку реален човек со биографија, цели и сопствено место во текот на бугарското ослободително движење во Македонија и Одринска Тракија.