Повторно различни тонови од СДСМ и ДУИ околу метлата која ја најави премиерот Заев. Пратеникот Артан Груби денеска изјави дека неговата партија се залага за двоен ветинг, еден при влезот во партијата, а друг во институциите. И дека ова нема врска со метлата на Заев. ДУИ смета дека треба да се формира специјално тело слично на Комисијата за лустрација кое ќе ги проверува сите кои ќе бидат предложени да извршуваат функција.

Дали е пратеник, министер, директор или  кој било, треба да биде проверен пред да се именува. Да се гарантира дека човекот кој ќе го изгласаме во Собранието е кристално чиста личност без дамка во кариерата, изјави Груби.

Од друга страна премиерот Заев изјави дека сите коалициони партнери имаат право да коментираат, но дека на крајот од рашомонијадата на изјави ќе се види која е поткрепена.

На крајот ние сме партиципиенти во нешто што го крепи парламентарното мнозинство. Ваквата рашомонијада од изјави која можеме да ја слушнеме од одредени високи функционери на ДУИ на крајот ќе биде поткрепена да видиме која е таа вистина за која зборуваме. Јас сум мандатор, тие можат да гласаат во Парламентот или не кога ќе ги дадам предлозите за промени во Парламентот. Артан Груби е пратеник во Парламентот. Тој и неговата пратеничка група од ДУИ ќе се изјаснат за решенијата. Затоа имав средба со лидерот на нивната политичка партија, ДУИ , за да знаат навремено кои чекори ќе ги преземам, согласно тоа да си донесат одлуки, да се разговара во партијата и слично, изјави Заев.