Со опозицијата досега имаме убав дијалог и консензус по многу важни прашања, а тоа се потврдува затоа што пратениците заедно гласаа и за двотретински и за закони со просто мнозинство. Последно заедно го избравме новиот директор на ОТА и тоа е добро, надежно. Дури и за референдумот, Мицкоски не е свесен дека имаме консензус, изјави вечерва премиерот Зоран Заев при гостување на “Топ Тема” на Телма..

Според Заев сите знаат дека подобар договор  не можел да се постигне. Тој рече дека ако на 30 септември мнозинство граѓани се изјаснат „против“ референдумот пропаѓа.

Прво, успешен референдум е апсолутно видливо, огромно мнозинство кое што гласа „за“ или успешен референдум е апсолутно видливо огромно мнозинство кое што гласа „против“. Бојкотот не се калкулира никаде. Ако изгубам затоа што јас сум „за“ секако ќе се повлечам. Ако победам продолжувам понатаму, така што учесниците во референдумот се оние што гласаат, што даваат можност, што носат одлука, тоа се брои и тоа е одлуката во демократијата ако сме демократи, изјави Заев.

Според него, активни се тие што носат одлука и затоа тој е убеден дека огромно мнозинство ќе биде „за“ референдумското прашање.

Но сум и демократ, ако некој е против, ако моите сограѓани во мнозинство се против секако јас немам ни што да барам повеќе во политиката. Но, јас сум убеден дека сите заедно, сите заедно ќе дадеме придонес за европска Македонија, рече премиерот.