Наспроти сиот умерен оптимизам пред декемвриската средба на врвот на ЕУ од кој македонската политичка елита, особено од власта, очекуваше укинување на бугарското вето за официјален почеток на преговорите за членство, од Софија стигна ладен туш. Министерството за надворешни работи на техничката влада соопшти дека Македонија се уште не исполнила ништо од обврските и од очекувањата како елементарен услов за подигање на рампата.
-Нема каков било напредок во спроведувањето на Договорот за добрососедство, истакнал министерот Светлан Стоев на средбата со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Софија, посочувајќи притоа дека „бугарската страна се уште очекува конкретни чекори од македонска страна, како што е откажување од територијални и малцински претензии, прекин на говорот на омраза против Бугарија, промена на учебниците во Македонија што ќе ја отсликува нашата заедничка историја и гарантирањето на правата на граѓаните со бугарска самосвест“.
Работата излезе дека лидерот на победникот на парламентарните избори во Бугарија-Промените продолжуваат, Кирил Петков, со својата умереност фактички само ни покажа како се лови риба-„македонски кленови на бугарска дудинка“! Зашто, додека тој го состави новиот кабинет, орото и натаму го води претседателот Румен Радев и мали се, речиси никакви, шансите работите да се сменат и по вториот круг од претседателските избори, зашто актуелниот шеф на државата е пред својот втор мандат.
Во најновата епизода од „шпанската серија на Телевизија презента“, основано се поставува прашањето зошто македонската страна е целосно затворена и нетранспарентна во поглед на надминување на спорот?! Зашто, отворено се проблематизираат и работи за кои повеќе од година наназад јавноста доби впечаток дека мешовитата македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците веќе решила некои елементи. На пример, Цар Самоил. Сега излезе дека и за неговата личност нема решение!
Премиерот во оставка Зоран Заев пред една година, во интервјуто за агенцијата БГНЕС, изнесе низа апсолутно неприфатливи ставови, што наидоа на неодобрување на целокупната домашна јавост. Меѓу другото, тој најави и скорешно објавување на протоколите за кои во комисијата е постигната согласост, но до ден денес тоа не е сторено. Што е пречката да биде објавена нивната содржина? Дали можеби отсуството на медијависти и византолози од нашиот дел од комисијата, па обелоденувањето на постигнатиот компромис би можело да предизвика нови реакции во домашната јавност?
Но, она што падна в очи во изминатата година е различниот однос на, пред се, бугарската политичка и општествена јавност кон премиерот Заев и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров. Ако Заев наидуваше на целосно прифаќање во Софија, Димитров стана цел на остри напади. Особено за неговиот ангажман пред меѓународната заедница за вршење притисок врз Софија.
Оттука и дилемата во што се состојат нивните разлики во приодот кон решавањето на недоразбирањата со Софија? А, дека постојат разлики можеби најдобро може да послужи последниот пост на неодамна починатиот проф. Атанас Вангелов, чиј син е член на македонскиот дел од мешовитата комисија. Тој на својот профил на социјалните мрежи, на 18. октомври, ден по првиот круг од локалните избори, напиша:
„Ако јас пишувам за Конески на денот кога прва тема е изборот на ликови за локалната самоупрвава, тоа го правам затоа што сакам да потсетам дека постои еден гранитен и здрав темел на етно-географскиот ентитет Македонија. Тој темел се вика Блаже Конески. Кој го разбира тоа, заслужува да ја добие политичката власт. Заев со неговата потесна политичка елита не покажа досега доволен интерс за тој темел и затоа неговите изборни резултати сега се такви какви што се. Не мора простиот свет да го разбира тоа.
Тој по чувство знае дака е така тоа и затоа така и постапува. Мошне силна индиција за тоа е, на пример, простиот факт што никаде го нема гласот и ликот на искусната и моше ценета надвор Радмила Шеќеринска. Тоа важи и за некои други ликови од т.н. Интелектуално крило на СДСМ, кое ја маргинализира до елиминиција сегашната оператива на г. Зоран Заев.
Што се однесува до неговиот успех со Преспанскиот договор, тука не треба се минимизира заслугата на Никола Димитров, кој успеа да го спаси тоа што сигурно би го продал Заев кога тој би преговорал со Коѕијаз. Филозофијата на Димитров е:
„Првин да си го суредиме државичево.“ Филозофијата на Заев е: Европа и НАТО ќе ни го суредуваат државичето. Првата филозофија е логичка и достоинствана. Втората, онаа на Заев, е филозофија на „виткање кичма“ дури и тогаш кога од тебе се бара тоа само онака колку да се проба ако се може. Ете, од тие причини нашата сегашна политичка ситуација е будалесто весела и трагиkомочна“.
На разликите кај обајцата укажа и бугарскиот проф.Димитар Вацов при завчерашното објавување на резултатите од истражувањето вршено на македонските медиуми, што покажа дека бугарскиот притисок не го спречува, туку го засилува и шири влијанието на македонизмот.
Тука сосема сигурно не станува збор само за еден сегмент. Затоа е неопходно и Заев и Димитров јавно да ги обелоденат своите ставови и разлики за да може јавноста правилно да суди и просудува.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вчера изјави дека оставил самите членови на македонската комисија да го одберат профилот и колегата, кој ќе го пополни местото на проф.Ванчо Георгиев, кој поради политички притисок поднесе оставка. Не малку, туку малку повеќе е чудно, што истото не беше случај при формирањето на комисијата. Клучно е дали на власта и требаат обични послушници или вистински професионалци?
Некои зли јазици, пак, веќе го пронајдоа наследникот на проф.Георгиев, со тоа што постои отворена дилема дали изборот да падне на проф.Денко Малески или, пак, на проф.Димитар Димитров, обајцата одлични познавачи и на историјата, и на меѓународното право, и на македонизмот, и на бугарштината во Македонија.
Comments are closed for this post.