Додека премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, си разменуваат меѓусебни пораки во знак на благодарност и подготвеност за помош во борбата со пандемијата со Ковид-19 и испораката на првите вакцини од Софија, ВМРО на вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Красимир Каракачанов, ја промовираше својата нова заштитничка политика спрема македонските Бугари.
Така, во денешното издание на Факти.бг беше објавен текст со наслов „ВМРО: Близок на Заеви претепал македонски Бугарин“.
Како основа за текстот се зема настан од Струмица, што завршил пред струмичкиот Основен суд.
„Судот во Струмица осуди сограѓанин поради удари добиени од друг сограѓанин. Навидум ситна караница. Меѓутоа, „ситниот“ детал е што тупаниците биле проследени со извици „Пи*кати мајчина бугарска, престани да ги напаѓаш Заеви, зашто ќе те утепаме или исели се од Македонија“. Овие зборови се запишани во пресудата на струмичкиот суд и дошле од устата на Александар Барабановски. Удрениот, пак, е Митко Георгиев.
Кој е Георгиев-познат со своите бугарски чувства Македонец, како и со двете книги, што ги издал во Македонија, за бугарскиот карактер на населението таму. Кој е Барабановски-познат Македонец по блискоста со семејството Заеви. Во пресудата јасно е напишано дека тој работел како обезбедување на братот на Зоран Заев.
Та, такво е секојдневието на човек со бугарска свест во денешна Македонија. На Георгиев ќе му пресудат да добие 150 евра заради ударите. Но, ударите ќе продолжат. Некои ќе изгубат работа, други ќе бидат заплашувани, трети-како Георгиев-ќе бидат тепани. Ако ова се случуваше пред половина век, ќе го изгубеше и животот. Во Македонија со децении е лесно да бидеш се, само не и Бугарин“, пишува меѓу другото во текстот.
Заштитничката политика на ВМРО-БНД спрема македонските Бугари ја промовираше европратеникот Ангел Џамбаски, кој во дебата на една од бугарските телевизии, како што пренесе Трибуна.мк, меѓу другото изјави:
-Ние од ВМРО ќе преземеме поцврст курс, посебно во Европскиот парламент. Тоа ќе биде моја задача. Секој случај на насилство против Бугарин од Македонија ќе биде обелоденуван на највисок глас. Секој случај на закани на социјалните мрежи, на малтретирање на работното место, секој случај на понижување ќе биде објавен во јавноста. Моите лицемерни колеги од ЕП на зборови многу ги штитат правата и слободите на луѓето. А, јас и моите соработници ќе го правиме токму тоа. Се обраќам кон сите Бугари во Македонија да ни даваат секојдневна информација за секој случај на говор на омраза, да не информираат за закани, без разлика дали на социјалните мрежи или во медиумите или, пак, на нивните работни места. Сите податоци ќе ги испраќаме до сите европски претставници, а исто така и до претставниците на политичките партии овде и ќе бараме нивна реакција.
Comments are closed for this post.