Одлуката на Зоран Заев да ги иницира уставните измени за бришење на Република Македонија е газење на сопствениот народ, негово потценување и негирање, вели опозициската ВМРО-ДПМНЕ во соопштението во кое повторува дека на референдумот македонскиот народ избра да не го менува името на државата и националниот идентитет.

Заев, се вели натаму, мора да е страшно уценет за криминалите, што ги има сторено, штом се откажува од народот и се оди спротивно од изборот на граѓаните.

Партијата оценува дека владејачкиот СДСМ продолжува со самоволието и кршењето на законите и Уставот и оти Заев ја одбил подадената рака од ВМРО-ДПМНЕ и шансата да докаже и покаже дека навистина сака да се бори против криминалот и корупцијата во државата.

Во соопштението натаму се вели дека СДСМ уште еднаш покажал дека кариерата на Зоран Заев е поважна од националните и државните интереси и не се откажува од капитулантскиот договор со Грција.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев се плаши, бидејќи знае дека нема поддршка од граѓаните за неговите политики и оти на фер и демократски избори народот ќе го испрати во политичка пензија и ќе му стави крај на неговата неславна политичка кариера.