Основниот суд Скопје 2 објави соопштение дека вчера од Државното правобранителство на Република Македонија му е доставен поднесок за повлекување на предлогот за изрекување привремена мерка за забрана за прикажување на „Ругање со Христос” – дебитантскиот игран филм по сценарио и режија на Јани Бојаџи.

Поради поголемата заинтересираност на медиумите во врска со предметот ВПП – 250/18, ве известуваме дека на ден 8 октомври 2018 година до Основниот суд Скопје II Скопје, доставен е поднесок од страна на Државно правобранителство на Република Македонија за повлекување на предлогот за изрекување на привремена мерка – соопштија денеска од Судот, откако Државниот правобранител во неделата најави дека предлогот ќе биде повлечен.

Од Државното правобранителство за МИА завчера соопштија дека решението е донесено по направени дополнителни и целосни согледувања и правни анализи.

По информацијата дека филмот веќе се емитува, констатирано е дека по однос на барањето нема веќе правна основа. Согласно ингеренциите, постапувањето на Државниот правобранител ќе биде насочено единствено кон заштита на имотните права на Република Македонија поврзани со исплатите на надоместот за филмот од Буџетот на Република Македонија, наведоа од Правобранителството.

Македонската премиера на филмот беше во петокот во кино „Милениум“, а наредниот ден режисерот Бојаџи на прес-конференција ја повика Владата да го остави филмот да заработува и да се прикажува низ Македонија.

Јас веќе не сум важен и на филмот му посакувам добра среќа и да се сретнеме сите некаде пак. Важно беше да се случи таа премиера за да се отвори портата и да паднат сите маски. Тука јас завршувам, еве го филмот. Ако отвора општествени дискусии, мене ќе ми биде драго да се разговара – изјави Бојаџи.

Филмот освои награда на фестивалот во Монтреал, каде што беше светската премиера, а во Македонија до петокот не беше прикажан и беше достапен само трејлерот. Пред еден месец предизвика внимание во јавноста по оценката од Министерството за култура дека е „скандалозен и контроверзен, дека тенденциозно игра со историјата и му наштетува на соживотот“.

Филмот е нискобуџетен, снимен со 280.000 евра, осум недели во Македонија, Грција и Франција и има интернационална екипа.