Советникот на премиерот за медиуми Марјан Забрчанец не може да објасни како дејствува Владата на сузбивање на ширењето лажни вести кои произлегуваат од партиските штабови на СДСМ.

На неколкуте конкретни прашања на Република во врска со веста членот на СДСМ од Општинската организација на Прилеп, Виктор Азманоски, како главен и одговорен уредник на интернет-страницата „Револуцинер.пресс“, објави дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во стан во Будимпешта добил милион и шестотини илјади евра и строги инструкции од руски дипломати, Забрчанец нè охрабри да застанеме на страната на демократијата.

Советникот Забрчанец не ѝ одолеа на практиката владини функционери јавно да ги објавуваат одговорите на новинарските прашања на Република, па пред да го објавиме овој текст, далеку од етичките норми, тие веќе беа на Фејсбук. За советникот да стекне доверба во нас, а и да се увери дека сме на истата страна на демократијата, нашите прашања и неговиот одговор го пренесуваме во целост.

Одговорот на Забрчанец

Владата на Република Северна Македонија се противи и дејствува на сузбивање на појавата на создавање лажни вести и нивно организирано ширење кое има за цел да се дезинформира населението. За таа цел, Владата креираше предлог акциски план за справување со дезинформациите, согласно кој сите чинители во општеството, во рамки на своите надлежности се повикани да преземат одговорност и да се спротистават на оваа негативна појава во нашата демократија. Мерките од акцискиот план се јавно достапни и повеќе пати презентирани и дискутирани во јавноста, а подразбираат кревање на свеста кај граѓаните, воведување медиумска писменост во образованието, поддршка на процесот на саморегулација во делот на порталите и соработка со професионалните медиумски организации и сервисите за проверка на факти.

Го охрабруваме и Вашиот портал и сите медиуми во нашата земја кои можеби имаат дилеми дали да застанат на страната на демократијата, да најдат причини и начини да се приклучат кон оваа иницијатива на демократските сили во општеството која се противи на намерите да се манупулира со граѓаните.

Борбата со лажните вести во нашата земја е автентична и сеопфатна и не прави разлика по политичка, партиска или каква било друга припадност.