Бара ли бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, извинување за македонските Бугари или за Бугарите во Македонија од страна на македонските власти и зошто неговите заблуди се претвораат во бугарски манипулации со бројки, што се пренесуваат на европски терен како пречка за официјален почеток на преговорите на македонскиот пат за членствово во ЕУ?

Ова се прашањата, што се наметнуваат по последниот настап на Каракачанов во кој уште еднаш и се закани на Република Македонија дека уште долго ќе чека за влез во Унијата. Тој во гостување во емисијата „Ова утро“ на бугарската национална телевизија Би-ти-ви, меѓу другото рече:

Бугарија има право да бара од земјите кандидати за членство во Унијата да запазат одредени услови. Еден од условите е нашата национална безбедност. Не може со инает, кој го гледаме во Скопје – ‘ама ние сакаме’, и јас можеби сакам многу работи во животот, ама нешто што не е мое како да го сакам, а тие сакаат сѐ. Не може да имаш претензии за бугарската историја, не може да не им се извиниш на оние луѓе што си ги убивал и тормозел десетици години, само затоа што биле Бугари и да ми кажеш „ама ние имаме идентитет со векови“.

Очигледно Каракачанов само меѓу редови промовира ново барање за извинување од страна на македонските власти, со што, практично, ги извртува тезите за извинувањето како морален чин. Наместо тоа да го стори официјална Софија за окупацијата или „администрирањето со Македонија“ за време на Втората светска војна, особено за депортацијата на македонските Евреи, бугарскиот вицепремиер се обидува да ја префрли топката на македонски терен.

Во истиот настап Каракачанов уште додаде дека „македонскиот идентитет во 1944 година бил создаден со насилства, убиства и репресии кон Бугарите“.

Знаете ли дека во Македонија во 1945 се носи закон, можеби и во нацистичка Германија немало таков, за заштита на националното име и чест, според кој секој што ќе каже дека е Бугарин, не Албанец, ако кажеш дека си Албанец немаш проблем, ако кажеш дека си Турчин немаш проблем, ако кажеш дека Србин ќе ти ракоплескаат, но ако кажеш дека си Бугарин, според законот, можеш да добиеш до пет години затвор. И сега тие луѓе ми кажуваат дека самите од себеси добиле некаков идентитет, и тоа го кажува политичката елита, тоа не може да се случи, изјави тој.

Но, дали е баш така? Нема да навлегуваме во законите и нивната содржина, што ги донела Оточественофронтовската, а веднаш потоа и комунистичката бугарска власт за поствоената пресметка со идеолошките неистомисленици, иако повеќе од сигурно такви постојат. Сега само ќе се задржиме на законот, што Каракачанов го споменува во контекст на „пресметка„ со македонските Бугари или со Бугарите во Македонија.

На 2 август 2014 година порталот Окно во оригинал го објави Решението на Второто заседание на АСНОМ за создавањето суд за судење на престапите извршени против македонската национална чест и го пренесуваме во целост:

Решение за создаванје суд за суденје на престаплениа извршени против македонската национална чест

Во време кога Македониа беше окупурана од германците и бугарските фашисти, кога македонскиот народ изживуеше тешки моменти во своето национално соштествуванје, кога најарните народни сили со сите средства, па и со оружје во рака, се бореја за запазуенје на македонската националност, јазик и култура, за македонското име воопшто – се најдоа пораженци и изроди во нашиот народ, било от лични интереси било от општествена саможивност по севозможни начини соработуеја со окупаторите, давајки им во нивната фашистичка и денационализаторска политика реална помокј. По тој начин тие го издадоа својот народ и ја извалкаја македонската чест.

Македонскиот народ не може да ги остави без наказание извршителите на овие престаплениа.

На това основание Антифашиското Собрание на Народното ослободуенје на Македониа го донесуе следното

РЕШЕНИЕ

Чл. 1 Се создава специален суд за суденје на престаплениата против македонската национална чест, кои на териториата на Македониа ке суди на секое лице кое за време на окупацијата направило

Чл. 2 Овој суд ке суди за оние престаплениа направени против националната чест, кои не можат да се квалификујат како издајство, или како помаганје на окупаторот на престапленјата против македонската национална чест осудуе на лишуенје от национална чест, во која влегува и лишуенје от грагјанска чест; лесна или тешка присилна работа и конфискуванје на имот. Лишуенјето от националната чест може да биде времено или доживотно, а присилната работа може да трае највеке до 10 години.

Чл. 4. Во случај да се утврди по време на раследуенјето, оти е извршено престапление за кое се осудуе на смрт, судот за срденје на престапленијата против македонската национална чест ке се огласи за ненадлежен, а предметот ке го испрати на надлежниот суд.

Чл. 5. Антифашиското собрание на Народното Ослободуенје на Македониа т.е. Президиумот ке издаде нужни законски решениа во кои ке ги суди судот за суденје на престаплението против македонската национална чест, уредуенјето на судот и процедурата.

Чл. 6. Судот за суденје на престаплениата против македонската национална чест се избира од Президиумот на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободуенје на Македониа, и се состои од 30 члена кои судат во состав од 3 члена.

Чл. 7. Президиумот на АСНОМ назначује народен тужител при судовите на народната чест.

Чл. 8. Ова решение влегуе во сила от денот на објавуенјето.

*Забелешка: поради доловување на изворноста и специфичниот јазик на документот, во текстот не се вршени никакви корекции, дури ни кога има очигледни грешки како онаа во редните броеви (по 2 следува 4) или кога има недовршени реченици (Кај член 1) и сл.

Извор: Документи од создавањето и развитокот на Н.Р. Македонија (1944-1946), Државно книгоиздателство на Македонија, Скопје, 1949

Треба да се напомене дека на 16 април 1945 година Народното собрание на Македонија ќе донесе Закон за изменение и дополнение на Решението, а во Службен весник бвр.11 од 11 јуни 1945 година е објавен и Закон за укинување и на Решението и на споменатиот Закон за негови измени и дополувања.

И ако внимателно се прочита Решението од Второто заседание на АСНОМ, ќе се види дека во него не се споменува никаква национална и етничка припадност, што значи дека Каракачанов отворено манипулира и со бугарската и со европската јавност, во обид Македонците да ги претвори во геноциден народ. Што, впрочем, нема да биде првпат, дотолку повеќе што такво нешто беше споменато и во т.н.Тиранска платформа.

Официјална Софија манипулира и со бројката од 100.000 до 130.000 Бугари, кои, наводно, по Втората светска војна биле убиени, прогонувани или насилно иселени од Македонија. А, тоа несомнено го потврдуваат споредбите и бројките од пописите во предвоена Кралска Југославија и поствоена СФРЈ спроведени во 1931 и 1948 година. Кон нив треба да се додадат и бројките од истражувањето спроведени во 1964 година за бројот на жртвите, што Југославија ги дала во Втората светска војна.

Ако се стават на страна сите обиди за митолошко зголемување на бројот на југословенските жртви во војната, јасно може да се види дека бројката, што ја споменува официјална Софија нема допирни точки со реалноста. И тука ќе се задржиме само на оние, што се однесуваат на Република Македонија, односно Вардарска бановина.

Исклучително важно е да се напомене дека за пописот во 1948 година постоела посебна графа за изјаснување како Бугари, што значи дека не постоела никаква можност тоа право некому да му биде ускратено.

Резултатите од пописот во 1948 година велат дека во тогашна ФР Македонија имало 1.152.986 жители или 3,3% помалку од пописот во 1931 година. Што значи дека бројката 100.000 до 130.000 убиени, прогонувани или насилно иселени Бугари од Македонија, односно речиси 10% од населението драстично би се одразила врз вкупниот број население во поствоена Македонија, а во случајов повеќе од очигледно е дека не е така.

Од вкупното население во Македонија, во 1948 година како Македонци се изјасниле 789.648 жители или 68,4%, како Албанци 197.389 или 17,1%, како Срби 29.721, Хрвати 2.090, Словенци 729, Црногорци 2.348, 889 Бугари, 130 Чеси, 29, Словаци, 1.141 Руси, 219 Унгарци, 360 Германци, 77 Романци, 9.511 Власи, 56 Италијанци, 95.940 Турци, 19.500 Роми, 1.560 неопределени муслимани и 1.649 останати.

Скопје како главен град, пак, имал 87.654 жители. Од нив, 51.819 се изјасниле како Македонци, 5.209 Албанци, 405 неопределени муслимани, 5.872 Срби, 986 Хрвати, 425 Словенци, 770 Црногорци, 275 Бугари, 74 Чеси, 11 Словаци, 113 Унгарци, 152 Германци, 16 Романци, 665 Власи, 27 Италијанци, 13.928 Турци, 5.796 Роми и 554 останати.