Не сум некој спортски тип, или па некој страстен спортски фан, дури и не гледам спорт, спортските канали на ТВ набрзина ги прескокнувам со далечинскиот управувач.

Но, кога ќе слушнам дека тимот Македонија победува, кога ќе ја почувствувам таа еуфорија надвор во јавниот живот, во некое локално кафуле, или на социјалните медиуми, гледам и читам како луѓето се радуваат на победите на тимот Македонија, е тогаш и јас се радувам, некако убаво ми е на душата кога националиот тим Македонија освојува победи. Така убаво се израдував на победата на репрезентацијата на Македонија на Европското првенство во ракомет.

Деновиве исто така се израдував на тимот Македонија, не беше на спортска победа, но беше за една работа во која навистина уживам, седмата уметност, светот на филмовите, едноставно уживам гледајќи добри филмови.

Документарниот филм „Медена земја“ и веста за двете номинации за Оскар, за најдобар документарец и за најдобар странски филм исто така беше еден вид спортска победа за тимот Македонија. Едноставно се радувам на победите на тимот Македонија. А кој се уште не го гледал „Медена земја“, го препорачувам, едноставно вреди да се гледа.

Но, се некако ми се чини дека тимот Македонија може да носи и нижи победи таму надвор, во странство, а се потешко тимот Македонија победува тука дома. Зарем е толку тешко да се победи дома? Сведоци сме дека оваа земја има квалитетни луѓе во многу области, но некако на тие луѓе или им е оневозможено да се докажат тука кај нас, па се обесхрабруваат и успехот и среќата ја бараат надвор од родната земја. Тие луѓе се уште го сакаат тимот Македонија, но најчесто не играат за тој тим, нивните успеси се за други тимови.

Работам и комуницирам со млади луѓе, и повеќето исто така се радуваат на победите на тимот Македонија, го сакаат тимот Македонија, но исто така тие млади луѓе најчесто не се ни обидуваат да играат или работат за тимот Македонија, бидејќи однапред гледаат дека победите може да ги освојат надвор, таму некаде во странство, далеку, а за победа тука не се ни надеваат.

И има многу такви млади луѓе од овој тим Македонија, но штом дојде моментот кога треба да се реализираат во професионалниот живот, тие веќе дел од погледот го насочуваат надвор од тука, барајќи други тимови каде што ќе може да се покажат и докажат градејќи кариера.

Не сакам да бидам песимист, но ми се чини дека победите на тимот Македонија во иднина може да бидат помалку. Проблемот за идните победи на тимот Македонија пред сѐ треба да го побараме во самите нас.

Секој од нас може да допринесе да во иднина тимот Македонија има повеќе победи. Можно е, но треба да се работи чесно и искрено, верувајќи во победите на тимот Македонија. Секој од нас може да создаде промени кон подобро. Ете да започнеме од аерозагадувањето, нешто кое ни штети на сите, па така секој од нас може да допринесе да се намали загадувањето на воздухот и на животната средина.

Исто така можеме да направиме и промени во политиката. Можеме да бираме помеѓу подобри или полоши политички опции и политики. Пролетта брзо ќе дојде, имаме време да мислиме и одлучуваме, па ако сакаме и во иднина да се радуваме на победите на тимот Македонија и да ни биде убаво на душата, треба мудро да бираме! На здравје, за идните победи на тимот Македонија!