Полека се одмотува клопчето околу тоа на кој начин Македонците доаѓале до бугарски пасош. Медиумите во Софија откриваат нови детали за тоа како наши граѓани, претежно од истокот на земјата не бирале средства да дојдат до т.н удостоверение за български произход, односно сертификат за бугарско потекло.

Даваш 800 евра   и тие ти обезбедуваат документ со бугарско потекло. Ако навистина го поседувате, постапката е намалена и чини помеѓу 600 и 800 евра, ако немате такви корени, таа изнесува околу 5.000 евра – ја објаснува шемата лице вклучено во бизнисот.

Nova.bg пишува дека по апсењето на претседателот на Државната агенција за Бугарите во странство, Петар Харалампиев, не се исклучува да има апсења и во Македонија за посредниците за побрзо добивање бугарска патна исправа.

Nova.bg уште тврди дека сево ова се случува во бугарските културни клубови во Македонија.

Според медиумите во Бугарија, вистинските трговци со пасоши обично се Македонци со бугарско државјанство кои живеат во Македонија. Тие кружат по села и градови и ги мотивираат луѓето да аплицираат за бугарски пасош и дека без проблем ќе работат во ЕУ. Откако ќе ги наговорат следното скалило се да се доведат во Софија со комбиња.

Потоа доаѓаат крупните „трговци“ – фирми со официјална дејност „административни услуги, преводи и легализирање на документи“. Кога ќе стигнат до нив, кандидатите плаќаат, а потоа ги добиваат потврдите дека се Бугари.

И на крај доаѓаат највисоките структури на власта во Бугарија кои им ги издаваат пасошите на Македонците.

Како име кое е поврзано се посочуваше министерот за одбрана Красимир Каракачанов но лидерот на бугарското ВМРО тоа го демантира и вели самиот ќе се застрелал  ако земал и едно евро.