Дојдено е време заедно со прашањето за Украинската православна црква да се реши и тоа за Охридската црква, вели во писмо одговор на интервјуто на Јован Вранишковски за белградска „Политика“, архимандритот Роман Анастасијадис во името на Вселенската патријаршија, пренесува софискиот портал “Сега“.

Пред неколку дена Вранишковски за „Политика“ изјави дека е „апсолутно неприфатливо“  Вселенската патријаршија да одлучува за судбината на помесните цркви. Повод за неговиот коментар беше интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС во кое тој изјави дека Бугарската православна црква направила големи храбри чекори за да помогне во процесот на добивање автокефалност на МПЦ-ОА.

Почнувам со најсрамната изјава на Вранишковски дека „во 21 век е неприфатливо само една црква, дури таа да е основната, да решава прашања, што се однесуваат на сите помесни цркви. Тоа би било особено штетно и за Вселенската патријаршија, зашто нејзиниот примат не е доведен во прашање, но за Православната црква е неприфатлив приматот по власт“. Откако го прочитав тоа, сакам да ве прашам Владико (р.б.-Вранишковски)-Каде сте учеле православна еклисиологија? Дали барем површно сте ја изучувале историјата на Српската православна црква на која денес и припаѓате, откако бевте протеран од архиереите, кои ве ракоположија, прашува архимандритот Анастасијадис.

Кога Србија доби автокефалност и патријаршиско достоинство лично од Вселенската патријаршија-и од никого друг, тогаш тоа не беше неприфатливо. И само за Србија ли е така? Е, се разбира, тоа беше во 20 век. Во 21 век одеднаш еклисиологијата претрпува промени и особено по двете светски војни… Уште колку пропаганда треба да трпиме, пишува архимандритот Роман Анастасијадис.

Вистината е сосема поинаква: Државата (р.б-Македонија) сака да се ослободи од канџите на српската асимилаторска политика, што ја задушува, а Вие упорно ја враќате назад. Во Грција на тоа се гледа како на мачеништво. Многу се радувам што споменувате дека Вселенската патријаршија ги дала тие области (р.б-македонските епархии) СПЦ, на намерно молчите за посочените услови во Томосот и какви насилства сакала да избегне Вселенската патријаршија со тој акт. Тоа сигурно не ве интересира. И на крај-времето за кое говори големиот учител одамна е дојдено. Сега веројатно ќе треба да заминеме во пустина за најдеме разум, се вели на крајот од писмото на архимандритот Анастасијадис.