Возачот на автобусот кој  пред две недели се преврте на патот Скопје-Тетово при што загинаа 14 лица, а 37 беа повредени, добива закани по неговиот живот, а Министерството за внатрешни работи презема мерки за негова заштита како дел од постапката, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој очекува Јавното обвинителство за многу кратко време да каже конкретна причина за несреќата за што се прибрани многу материјали, а се при крај вештачењата.

За несреќата што се случи на 13. месецов Обвинителството најави одлука по обезбедување на сите докази, целокупната релевантна документација, обдукциските протоколи, медицинската документација за повредите на другите патници, извештаите за наредените вештачења, испитувањето на возачот, на патниците во автобусот и на очевидци на настанот.

По наредба на обвинителството детално техничко вештачење на автобусот врши Машинскиот факултет во Скопје, а вешт наод и мислење треба да обезеди и Бирото за судски вештачења. Од компанијата „Дурмо турс“ сопственик на автобусот  е побарана целосна документација за дозволите кои ги поседува за јавен превоз, одржувањето на возилата, бројот на патници и продадени карти во автобусот, како и податоци за работното време и релациите кои ги поминал возачот на критичниот ден.