Во Собранието на Република Македонија се очекува од понеделник да почне постапка за формирање тело за помирување, едно од четирите барања што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за уставни измени го доставија до Парламентот.
Од петокот пред полноќ односно од изгласувањето на Предлогот за пристапување кон уставни измени со 80 гласови „за” и 39 „против” почнаа да течат и петнаесетте дена за доставување на нацрт-амандманите во Собранието од страна на Владата, која е предлагач на измените на Уставот во согласност со Договорот од Преспа. Со гласањето заврши првата фаза од измените на Уставот.
Во втората фаза треба да се утврдат нацрт-амандманите и за тоа е неопходно просто мнозинство или 61 глас во Собранието. Третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.
Собранискиот Деловник предвидува од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието (втора фаза) до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но може да биде завршено и побрзо од максималните рокови.
Собранието со најмалку 61 глас треба да ги утврди нацрт-амандманите, по што тие одат на јавна расправа, чие времетраење го утврдува Парламентот.
По оваа меѓуфаза, Владата треба да ги изготви предлог-амандманите и да ги достави до Собранието. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Предлог амандманите треба да бидат разгледани од Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, а на крај и на пленарна седница.
Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.
Кога ќе биде закажана собраниската седница по предлогот за измена на Уставот, одлучува претседателот на Собранието.
Comments are closed for this post.