За време на денешните посети на Штип и Струмица, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски најави дека доколку стане претседател на земјата ќе воведе ордени „Киро Глигоров“ и „Борис Трајковски“.

Според него, орденот „Киро Глигоров“ би се доделувал на заслужни граѓани, кои дале голем придонес за мирот и безбедноста на државата.

Најавувам дека како иден претседател на земјата ќе иницирам воведување орден, кој ќе го носи името и на вториот претседател на Македонија, орден „Борис Трајковски“. Овој орден ќе се доделува на граѓани, кои имаат личен придонес во развојот на мултикултурното демократско општество.

Глигоров и Трајковски ни оставија голем залог. Ни го покажаа патот и начинот на кој треба да се води државата и гордо заминаа во историјата. Овие ордени ќе бидат паметник за нивните заложби за слободна, мирна, независна, безбедна и обединета држава, изјави во Струмица, Пендаровски.