За релативно кусо време премиерот Зоран Заев на единствениот услов за предвремени парламентарни избори додаде уште еден. Сега, покрај евентуалниот пораз на претседателскиот кандидат на власта Стево Пендаровски, се надоврза и неисполнување на законскиот цензус од 40% излезност плус еден глас.

Уште на 16 април во гостувањето во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21, премиерот изјави дека имал консултации со, како што тогаш рече, неговиот прв правник во Владата, министерката за правда Рената Дескоска.

Ми рече дека преку промена на Уставот може да се избере претседател на државата на два начина-или да се тргне цензусот или да се изгласа претседател во Собранието, посочи тогаш премиерот.

Сега Заев го повторува истиот став.

 

Застанавме зад независен претседателски кандидат, кој очекуваме дека ќе го устоличиме во иден претседател на Република Северна Македонија. Јас верувам во тоа и тоа е моја желба, посветеност и очекување за иднината на државата. Секако, за тоа на крајот одлучуваат граѓаните и ако тие одлучат поинаку, ќе проектираме термин за предвремени парламентарни избори-Истакна премиерот.

Меѓутоа, двата услова за предвремени парламентарни избори не кореспондираат ниту со изборот на претседател на државата во Собранието на Република Македонија, ниту со намалувањето или целосното отстранување на изборното потребно мнозинство. Зашто, ако тоа се прави на тој начин, тогаш главното политичко внимание ќе мора да биде насочено кон промени на Уставот, што значи и одредена процедура, но и обезбедување на потребното двотретинско мнозинство. Настрана, се разбира, и временските рокови за сето тоа. Што ќе рече, ова не може да оди заедно со предвремени парламентарни избори.

Оттука и дилемата дали премиерот Заев се откажува од идејата за избор на претседател на државата во Парламентот, но и за намалување или отстранување на цензусот?!

Можноста за избор на претседател на државата во Парламентот, пак, веднаш наиде на одобрување кај лидерот на коалициската ДУИ, Али Ахмети.