Прегазена е жена попладнево во центарот на Штип, на еден од пешачките премини на кружниот тек кај Стопанска банка. Веднаш е пренесена во Клиничката болница каде лекарите треба да утврдат со какви повреди се здобила.

Според портапролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова, несреќата се случила во 15 часот и 50 минути, а жената на која се уште не и се знае идентитетот, ја прегазил 63 годишен возач на такси возило, кој управувал со „Фолксваген голф“, со штипски регистарски таблички.

Очевидците велат дека на овие премини не застануваат возачите и покрај тоа што е централно градско подрачје.

Лоша вест денеска пристигна , дека почина  15-годишниот средношколец Мустафа Седат, кој пред 12 дена беше прегазен на пешачкиот премин на булеварот “Гоце Делчев” во Штип.

Директорот на СОУ „Коле Нехтенин” Дејан Павлов за МИА потврдува дека 15-годишното момче синоќа во Клиничкиот центар во Скопје по неколкуте операции на главата и на градите починал. Посмртните останки на Седат ќе бидат погребани на гробиштата во село Радање во Општина Карбинци.

Надлежните од Основното јавно обвинителство информираат дека ќе го чекаат извештајот на лекарите и вештачењето од сообраќајната несреќа, по што ќе се комплетира предметот против 68-годишниот возач, кој на преминот не застанал, го удрил момчето и по булеварот го влечел околу 15 метри.