Вчерашните локални избори во Албанија и неучеството на опозицијата  го вратија сеќавањето на однесувањето на Европската унија за време на политичката криза во Македонија.

Со потпишувањето на Договорот од Пржино беше одреден термин за изборите 24 април. Но како што се наближуваше тој датум , тогашната опозиција предводена од СДСМ не се согласуваше со изборите и бараше да бидат исполнети два услови, регулација на медиумите и прочистување на Избирачкиот список.

Тогаш, комесарот Јоханес Хан бараше сите партии да се согласат за одложување на изборите нагласувајќи дека „избори без опозиција не се избори“.

Можам само да ги поттикнам сите да учествуваат во изборите. Постигнување е да се има слободни избори. Треба да се погрижиме овие избори да се спроведат на начин согласно нашите очекувања, односно стандарди и ако тоа е случај ги поттикнувам сите партии да земат учество со цел да се гарантира политичката ситуација-говореше Хан во 2016 година.

Како што бараше тогашната опозиција изборите во април беа одложени, се промени и вториот рок во јуни, за конечно да се одржат во декември 2016 година.

Во Албанија пак видовме сосема друга слика. ЕУ ги поддржа локалните избори на кои опозицијата не учествуваше, а пак претседателот Мета ги презакажа за друг термин.

Но, тоа не и пречеше на власта да ги организира. Резултатот на тоа е, излезност од само 20 проценти, а во половина од општините имаше само по еден кандидат и тоа на партијата на Еди Рама.