Поминуваат месеци откако Заев изјави дека има сведочења дека руски бизнисмени или бизнисмен делел пари на младинци за организирање на протести, a од МВР нема никаков доказ или истрага која го потврдила тоа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата ги прозиваат Заев и Спасовски да се изјаснат околу пишувањата во медиумите за релација на премиерот и владата со рускиот бизнисмен, близок до Москва, Иван Савидис.

Заев и Спасовски мора да одговорат, дали и колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија, и дали има поврзаност со Владата, премиерот и висок функционер од  ЛДП која е дел од владејачката коалиција? Дали Заев знаел чија компанија посетува кога го посети тутунскиот комбинат во Крушево, кој што е дел од синџирот на компании на Савидис? Дали Заев беше придружуван од Панајотис Теранидис, човек од доверба на Савидис? Колку се зголемени приходите на компанијата Секе на Савидис по 2017 година односно откако Заев ја презеде власта? Дали поранешниот директор на Државниот земјоделски инспекторат, Јане Станкоски кадар на привезокот на Заев ЛДП, е главен потписник, прокурист на компанијата на Савидис? Дали Заев знае дека неговиот пријател, солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, е тесно поврзан со Иван Савидис, кој што веројатно му е и спонзор во политичката кариера, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.