Отфрлањето на предлог законот за амнестија за инволвираните во случувањето од 27-ми април во Собранието е доказ дека власта е за селективна правда и злоупотреба на судството и правната држава како алатка за награда, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Предлогот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ беше конструктивен и принципиелен кон намалување на поделеноста во општеството. Глумењето на власта дека е за правда и за правна држава е смешно гледајќи како во целост го погази Уставот, позитивните закони, домот на демократијата, угледот на пратениците, образот на гласачите, го погази мислењето на Суверенот на државата – граѓаните!, рече портпаролот на партијата наум Стоилковски.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека власта сега преку некакви форуми, комисии, координативно тело, за наводно помирување, или за наводна правда, не прави ништо друго освен обид преку замајување на јавноста да истера селективна правда што во суштина е длабока неправда.

Таа неправда ќе значи нов вистински упад и злоупотреба од власта на правниот систем, нешто што многупати до сега е практикувано во оваа власт, во ова судство наречено „отворено како пупка“, вели Стоилковски.

Стоилковски појасни дека според предложеното решение од страна на ВМРО-ДПМНЕ ,  би се ослободиле од кривично гонење, би се запреле поведените кривични постапки и целосно би се избришала осудата со ослободување на осудените на казна затвор, како и за осомничени и обвинетите лица во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27-ми април.

ВМРО-ДПМНЕ е партија со принципи, и како што најави нема да учествува во фингирана комисија за награда на послушниците. ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи Законско решение за селективна правда кое би произлегла од еднострани форуми без опозиција, порача партискиот портпарол.