Почнува и 5-тиот месец од истрагата за случајот „Рекет“, а дури сега почнаа да се викаат споредните соработници на Боки 13, а не нарачателите, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Петтиот месец тече, а сеуште Вилма Русковска ги штити инволвираните политичари од власта и не ги повикува на распит да дадат исказ“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Тој прашува кога и дали планира Вилма Русковска да ги повика на распит Зоран Заев, Кики и Фрики, Шеки и сите останати од Меѓународниот сојуз.

Каде е торбата со пари која што беше земена од страна на Боки 13? Вилма Русковска нема намера да го расчисти случајот „Рекет“. Вилма Русковска и Љубомир Јовевски се ставаат во заштита на криминалот и корупцијата која ја прави власта изминативе 2 години“, вели Арсовски.

Тој додава дека нема човек кој не е свесен дека Бојан 13 и Катица Јанева не можеле и немале можност самите да рекетираат и да уценуваат бизнисмени и политичари.

Го повикуваме обвинителството, да не ја кочи истрагата, туку веднаш да ги повика сите на распит и да додели притвори за да нема влијание врз сведоците и бришење на доказите, како што беше случај изминативе 4 месеци. Секој поминат ден е само поголем доказ и поголема потврда дека сакаат да ги скријат и да ги заштитат криминалците од власта на СДСМ и од СЈО“, вели Арсовски.

Со реакција се јавија од владејачката СДСМ. Од таму велат дека денес правната држава функционира неселективно за сите.

„Последните случувања покажуваат дека никој не е над правдата и дека секој ќе одговара за своите постапки, нешто што беше незамисливо во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Како одговорна партија, ги поддржуваме напорите на истражните органи за целосно расветлување на овој, но и на сите досега отворени случаи“, веалт во реакцијата од Бихаќка.