ВМРО-ДПМНЕ се нема заканувано на ниту еден пратеник и за такви сериозни обвинувања е потребно да бидат приложени докази, велат од партијата за Пресинг Тв како одговор на забелешките на еврокомесарот Јоханес Хан.

Од друга страна, според партијата, сведоци сме на јавни притисоци од владејачкото мнозинство, кое што се реши да не ја почитува волјата на граѓаните и да тргува со правдата и правдината. Владата, Собранието  и секој пратеник имаат демократска обврска да ја почитуваат таа волја на граѓаните. Нема друга демократска држава каде што премиер гази врз волјата на народот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Еврокомесарот Хан во интервју за виенски „Стандард„ изјави, меѓу другото, дека е запознаен со закани од страна на опозицијата против пратеници, кои сакаат да ја напуштат партиската линија и да го поддржат Договорот со Грција.Тој од ВМРО-ДПМНЕ побара да се откаже од, како што вели, деструктивниот пристап, и интересите на земјата и граѓаните да ги стави пред партиските. Додава дека партијата целосно ќе ја сноси одговорноста за затворањето на вратите на ЕУ за Македонија, ако не помине Договорот.

Ова е целосно неприфатливо за партија која вели дека е про-европска, демократска партија, изјавил Хан, додавајќи дека повиците за бојкот на референдумот „сведочат за недостаток од демократската зрелост“.

И Жозеф Дол, првиот човек на Европската народна партија, каде членува ВМРО-ДПМНЕ, се јави на Твитер изразувајќи „разочараност од односот на нивната сестринска партија во процесот за името“.

Треба да се донесе важна одлука за иднината на поранешната југословенска Република Македонија и целиот регион во ЕУ и НАТО. Останувам разочаран од досегашната улога на опозицијата во процесот, конструктивноста мора да надвладее над бојкотот. Дијалогот меѓу оние на власт во ПЈРМ и опозицијата е потребен, бидејќи ова е важен дел од демократијата, напишал Дол.

За твитот на Дол од ВМРО-ДПМНЕ велат дека партијата ја уважува  волјата на граѓаните, изразена на последниот референдум, што е јасен показател дека Договорот е отфрлен. За ова, според партијата, се изјаснија 1.200.000 граѓани, кои гласаа против или избраа да апстинираат.

ВМРО-ДПМНЕ останува со народот и граѓаните и нивната волја, потенцираат од партијата.