И покрај високите задолжувања буџетот на Министерството за здравство за 2021 година ќе биде помал за 4,68%, реагира пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција по денешната расправа за предлог-буџетот за 2021 година.
Од анализата на буџетот за здравство гледаме дека ќе нема доволно пари за реконструкција на јавните здравствени установи, за медицинска опрема, за нов клинички центар, за амбуланти во руралните пордачја. Ќе нема пари за потребите на Агенцијата за лекови,за вработување и едукација на лекари и медицински персонал, за здравствено осигурување и здравствена заштита на граѓаните, рече Ели Панова.
Таа обвини дека во буџетот на Заев и Филипче има пари за партиски вработувања, за непродуктивни трошоци како на пример за мебел по институциите. Таа рече дека ВМРО-ДПМНЕ поднела амандмани за бесплатни ковид тестови за сите граѓани и за набавка на 50 нови амбулантни возила.
Живееме во држава која е во првите 5 земји во Европа во заразени по глава на жител, а по смртност и многу пошироко. Со масовно тестирање ќе се помогне во намалување на бројката на новозаразени. Тоа значи дека ќе се спасат животи и ќе се намали смртноста. Веќе неколку европски земји го спроведоа тоа и се покажа како ефикасна метода. Воедно тоа многу ќе помогне и финансиски на граѓаните. Во состојба кога 55.000 граѓани останаа без работа, кога пола милион живеат со по 2 евра на ден, ова е значајна помош. Едно или две донирани комбиња не вршат работа, ова беше само крпење, затоа сметаме дека буџетски мора да се реагира и итно мора да се набават нови амбулантни возила, за сите градови, рече Панова.
Comments are closed for this post.