Секојдневно сме сведоци како членови на Кумановската група и нивни поддржувачи испраќаат пораки со кои бараат крв и одмазда кон сите политички неистомисленици на Зоран Заев. Заканите на Кумановската група на која Заев и ветуваше амнестија и меѓународна истрага не престануваат, а власта молчи. Зоран Заев неговите соработници кои се одговорни за безбедноста на државата не превземаат ништо, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија ова отвора сериозен сомнеж дека зачестените закани не се случајни и не се без поддршка од структури од власта.

„Очигледно е дека власта нема намера да преземе ништо против оние кои се закануваат. Дали е тоа заради поддршката која им ја ветуваше Зоран Заев во врска со настаните во Диво Насеље?Под закана се животите на сите политички неистомисленици на аболицираниот Зоран Заев и неговиот криминален картел на власт. Обидот за линч на поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески е само еден од низата скандалозни чинови кои го потврдуваат тоа“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓудругото од партијата на Мицкоски додаваат:

„Власта знае во раните утрински часови да провалува во домови и да приведува недолжни граѓани кои пишале статус во кој го критикуваат Зоран Заев, а сега нема ниту изјава за тоа кој ги испраќа заканите. Нема ниту истрага за мотивите а ниту се превзема нешто за да се спречат намерите на оваа т.н. Кумановска група која се заканува за одземање на човечки животи. Судот не смее да биде во заложништво на власта и мора да ги преиспита одлуките за притвор на Спиро Ристовски, Владимир Атанасовски, Христијан Делев и сите други политички неистомисленици кои што се жртва на прогонот на оваа власт“.

Бараат МВР веднаш да ги открие и санкционира лицата кои се закануваат.

„Одговорност за овие инциденти мора да има. Јавноста очекува одговорност но и оставки“, се наведува во партиското соопштение.