Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, денес рече дека изминуваат шест месеци откако до Јавното обвинителство е доставена кривична пријава за повеќе од 200 лица, претседатели, членови и нивни заменици на избирачки одбори, заради основано сомнение дека на референдумот на 30-ти септември минатата година биле злоупотребени над 50.000 гласови, односно за основано сомневање дека биле полнети кутии.

Тој додаде дека и денес Македонија ги очекува информациите од Јавното обвинителство околу таа кривична пријава, што точно се случи на референдумот на кој што во определен период на посочени места се гласало за 9, 14, 15 секунди.

„Оценката во јавноста е дека референдумот и кампањата минаа во најнедемократска атмосфера, со поткуп, со уцени, со закани, со лажење и со лажно претставување преку кол-центри, до полнење на кутии на денот на референдумот. Во Македонија, почитувани, се подготвуваат нови избори, а Јавно обвинителство молчи и не презема ништо за подобрување на впечатокот и оставање на сомнежи за криминогеност во очи на изборите. Ова е прашање од голем интерес за Република Македонија и за граѓаните, и повторно потсетуваме на препораките од Комитетот на министри при Советот на Европа од 2003 година, дека за вакви истраги редовно треба да ја информираат јавноста“, рече Стоилковски.

Тој притоа потсети дека Јавното обвинителство пред 6 месеци посочило дека „будно ги следеле прес конференциите“ и дека „се’ што ќе биде доставено ќе процесирале“. Но до денеска нема никаква информација што е преземено.

„Вакво Јавно обвинителство, почитувани, кое остава огромен простор за сомнеж во изборниот процес, сомнеж за заштита на криминогени дејства, на Македонија не и е потребно. Насушна е потребата од право и правда во Република Македонија, а таа е на дофат со победата на Гордана Силјановска Давкова на претседателските и на ВМРО-ДПМНЕ на предвремените избори“, рече на крајот Стоилковски.