Нема поголема иронија кога министерката за неправда зборува за правда, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија порачуваат:

„Министерството за неправда има последна можност да ги прифати принципите кои ги понуди ВМРО-ДПМНЕ и потоа да седнеме и да разговараме за вистинска правда.“

„Право и правда во Република Македонија ќе има само кога законите кои се носат се согласно меѓународната правна пракса, принципите за почитување на чивековите права и слободи и принципите кои гарантираат слобода и независност во делувањето на правосудните институции. Се друго е замачкување очи на јавноста и продолжување на манипулативната политика на Зоран Заев и Стево Пендаровски.“, стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно од Министерството за правда оценија дека со барањата ВМРО-ДПМНЕ покажале дека амнестијата на сторители на сериозни кривични дела од редовите на нивната партија им е поважна цел од европската иднина на граѓаните .

Преку соопштение Министерството наведува дека до нив наместо конкретни амандмани и предлози за законот за Јавно обвинителство, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ е пристигнат документ насловен „Принципи и насоки на ВМРО-ДПМНЕ во донесувањето на Закон за Јавното обвинителство“.

„Во него се наброени меѓународни документи, од кои дел не се однесуваат на Јавното обвинителство, а останатиот дел се веќе имплементирани во истиот закон. Согласно средбата на работна група, ВМРО-ДПМНЕ требаше да достави конкретни амандмани со кои би се понудиле алтернативни решенија на Предлог-законот, кој е во собраниска процедура. Очигледно, ВМРО-ДПМНЕ во недостаток на аргументи и подобри решенија за одредбите кои се однесуваат на Јавното обвинителство во целина, одбра есеистички пристап со единствена цел да го одолговлечи процесот на носење на Законот за Јавното обвинителство“, велат од Министерството за правда.