Пратениците од власта и опозицијата  во попладневниот дел од расправата за уставните амандмани меѓусебно се обвинуваа за тој кој создал поделби во македонското ткиво и општество, не отстапувајќи од веќе изнесените ставови за и против промена на името со цел членство во ЕУ и во НАТО.

Пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, меѓудругото, праша што ќе направи Владата доколку во Грција не биде прифатен Договорот од Преспа и дали повторно ќе се пристапи кон уставни измени.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров повтори дека во одлуката која што ја имаат добиено сите пратеници заедно со нацрт аманданите стои дека амандманите ќе влезат во сила доколку Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО бидат изласани во Грција.

Во однос на обезбедувањето ако ние овде ги затвориме уставните амандмани и ги прифатиме, а работата во Грција не се заврши, пред вас е текстот каде што се наведени, кои се повереници, кои се четирите амандмани, напред вели овие амандмани се составен дел од Уставот и влегуваат во сила со денот на влегување во сила на Договорот и со ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција. Амандманот влегува во сила со одлука за прогласување и во таа одлука се наведени условите кога влегуваат во сила. Текстот, горе каде што се наведени сите амандмани, е одлуката и не знам кој има корист од повторно, упорно, повторување на нешто што е очигледно, рече Димитров оценувајќи дека процесот е пресериозен за површно политиканство.

Министерот за надворешни работи оцени дека поранешната Влада имала многу лоша надворешна политика, пред се поради, како што кажа, поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски сега бегалец од правдата во Унгарија.

Од антиквизација, од клоцање, од другата страна немаше интерес да влезе сериозно во овој процес. Член 1 вели страните се согласија македонски јазик, член 7 вели Македонија од оваа страна, македонско…значи да престанеме да ги доведуваме граѓаните во заблуда, истакна Димитров.

Илиоски потсети дека Димитров бил главен преговарач за името во еден период од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ потенцирајќи дека „не ѕидот, туку името на државата е во прашање“.

 Нема да сме повеќе Македонија, ќе бидеме Северна Македонија, а вие цитирајте закони, устави, еден факт ќе остане и ќе биде очигледен а тоа е дека без поддршка од најмалку половина граѓани од оваа држава го менувате уставното име, и уште поголем факт ќе остане, потписник на тој договор сте вие, реплицираше Илиоски.

Пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека овие промената на името и на Уставот ќе резултира со тотално редефинирање на државата. Според него, нема задоволство и насмевки кај граѓаните од овие процеси и го осудуваат она што се гласа во Собранието. Ѓорчев зборуваше и за референдумот наведувајќи, според него, низа неправилности во гласањето и полнење кутии со невидена брзина. Ја критикуваше и работата на Владата потенцирајќи дека ништо не е направено од она што беше ветено со нивната програма.

Она што 200 години наназад било градено како наша позиција…и сега во оваа пленарана сала со невидена леснотија се притиска за промена на Уставот на РМ што е само вовед во нови гласања и редефинирања, рече Ѓорчев.

Ѓорчев рече дека она што не го потпишале ниту Киро Глигоров, ниту Борис Трајковски, ниту Никола Кљусев, Брако Црвенковски, Љупчо Георгиевски…Димитров со невидена леснотија го потпишал.

Вашите политики направија длабока рана во македонското општество и секојдневно ја продлабочувате. Тргнати сте против ВМРО како никогаш досега, но сме издржале, ќе го издржиме и ова. Вие ги дробите луѓето во овој Парламент, компромитиран ви е процесот, уценувате и тргувате со човечки судбини. Начинот на кој што си го обезбедивте двотретинското мнозинство е скандалозен во историски рамки, рече Ѓорчев.

Министерот Димитров му реплицираше на Ѓорчев посочувајќи на програмата на ВМРО-ДПМНЕ во делот на името.

Согласно вашата програма содржински вие треба да бидете против ова решение, процесно мора да излезете на референдум. Овде фалат гласовите против, со тоа што вие не излеговте на референдум, немавте доблест да излезете и да го повикате народот на кој многу често се повикувате, неосновано. Тоа направи рана во македонското ткиво. Референдумот ќе беше успешен бидејќи ние имаме многу доволни гласови за 609. 427 гласови „за“. Народот што гласал против се 37.687 гласачи. Фалат гласовите против. А и тие од вас што имаа доблест да излезат ги здробивте, вашите штабови. И оваа рана што се отвори е затоа што не си ја почитувавте програмата и што не излеговте на референдум, рече Димитров.

Фросина Ташевска Ременски од СДСМ му реплицираше на Ѓорчев дека политичарите треба да носат одговорност за иднината на државата што ја водат и генерацијата што доаѓа.