Република Македонија, како и на сите останати полиња, така и на полето на социјалната заштита и вработувањетo бележи критики од Европската Комисија. Извештајот на Комисијата е доказ дека власта во изминативе две  години нема направено ништо за подобрување на социјалната заштита, рече денес пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Слаѓана Митовска.

Таа додаде дека Европската комисијата констатира оти државата е половично подготвена на полето на социјалната политика и вработувањето. Тоа значи, како што рече Митовска, дека се потребни уште многу мерки и реформи за да имаме било каков резултат.

„Наместо празни ветувања, власта треба да се насочи во она малку време кое и преостанува на реформи и подобрување на условите на сите полиња. Комисијата посочува дека недостасува поголемо финансирање на програмите за вработување и социјалните реформи. Во време на ВМРО-ДПМНЕ програмите за вработување беа посеопфатни и поголеми, што допринесе за разлика од сега да се вработат над 150.000 луѓе“ истакна Митовска.

Пратеничката додаде дека од ЕУ констатираат и тоа што ВМРО-ДПМНЕ веќе подолг период го предупредува, а тоа е дека сиромаштијата останува и е сериозен  проблем. Имено на ова поле според одредени истражувања над половина милион граѓани живеат на прагот на сиромаштија.

„На виделина излегува и неспособноста на функционерите на власта, кои наместо да ги менаџираат институциите со кои раководат си ги вработуваат роднините на места во јавната администрација. Имено Комисијата нотира дека соработката помеѓу институциите кои го спроведуваат законот за работни односи е многу слаба.

Во целост овој извештај посочува на низа пропусти и неспособности на оваа власт во доменот на социјалата и вработувањето. Зоран Заев и Мила Царовска мора да понесат одговорност за ваквите состојби и треба да бидат први на удар на метлата, која мора да го исчисти СДСМ од власта“, рече Митовска.