ВМРО-ДПМНЕ денеска побара министерот за кутура Асаф Адеми, националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски и советничката за култура во кабинетот на Заев, Цветанка Ласкова да поднесат оставки. Опозицијата реагира на распределбата на средства од Годишната програма за поддршка од министерството за култура.

Оваа година средства во програмата за култура нема за „Скопскиот џез фестивал“, и за „Оффест“, а значително помали суми од оние кои ги побараа и се потребни за реализирање на програмата добија „Фолк фест Валандово“ и фестивалот „Таксират“. Кратењето на средствата за голем дел од реномираните музички фестивали може да значи и нивно замирање на македонската културна сцена. Забележлив е и фактот дека средства се доделуваат исклучиво по етничка линија, со што дополнително се зголемува поделбата во македонското општество кое заради Заев и неговите политики е поподелено од кога и да е. Па така Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ доби поразителни 150 илјади денари, додека новоформираниот ансамбл за албански ора и песни од Министерството за култура доби 800 илјади денари. Само за пример, за пример фестивалот „Таксират“ аплицирал за помош од 6 милиони денари, а добил 500 илјади денари што е за 12 пати помалку од побараната сума, додека за фестивал во Тетово и за концерт, здружението „Артал“ од Тетово добило неверојатни 3,6 милиони денари, рече Роберт Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ.