ВМРО – ДПМНЕ ги повикува сите институции на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат операционализирањето на овој неуставен и штетен закон. Доколку одговорните во институциите се соочат со какви било проблеми или закани, ВМРО – ДПМНЕ и правната комисија им стојат на располагање за правна или било каква друга помош, рече денеска на прес-конференција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Законот за двојазичност како што истакна Мицевски е донесен без поширок политички и општествен дијалог.

Спротивно на препораките на правната фела и општата јавност власта го истурка законот за двојазичност кој ќе креира целосен паралелизам во сите државни институции, како на централно, така и на локално ниво. Овој закон ќе ги блокира институциите, кои наместо да си работат работата ќе треба да преведуваат и одржуваат двојни архиви, што ќе ја чини државата и граѓаните, време, место, човечки ресурси и пари, рече Мицевски.

Според него наместо подобри услови за живот граѓаните, добија нови поделби и понижувања.

Овој закон е уште една хипотека преку која Заев се обидува да ја плати цената за неговото доаѓање на власт и затоа ваквото однесување на СДСМ и ДУИ е срамно и неприфатливо, вели Мицевски.