„Не постои поголем апсурд од тоа човекот кој го спасија од одговорност за криминалот во „Глобал“ тежок 7 милиони евра да повикува на правда еднаква за сите“, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, кој се обрати пред јавноста по повод случајот „Рекет“.

„Не постои поголем апсурд за реформи да говори аболицираниот Заев кој бараше едно евро за Вице. Неговите судии не успеаја да го видат криминалот кој го виде целата јавност, а сега треба да веруваме дека тие треба да делат неселективна правда и да се однесуваат професионално. Рускоска обвинителството и Кацарска судството  се сé, само независни не“, изјави Јанушев.

Тој како директен виновник го посочи премиерот Зоран Заев, за кого рече дека е човекот кој го компромитираше правосудството, кое за возврат, како што рече Јанушев, го амнестирало од сите криминали.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ е за обвинителство кое ќе се базира на принципите на владеењето на правото и меѓународните конвенции за човекови права, а за разлика од нив, СДСМ се за обвинителство кое ќе биде маша во нивните раце за политички прогон, рече Јанушев и додаде дека СДСМ и Заев наместо да бидат конструктивни во изминатиов период ги опструираат преговорите.

„Инатењето на Заев околу предлог решенијата за Јавното обвинителство има три цели. Прво, да ја опструира правдата на долг рок, штитејќи ја мафијата и криминалот, при што за себе и соработниците ќе си обезбеди неказнивост. Ова го планира преку креирањето на неуставни и нефункционални решенија. Понатаму, да си ја згрижи Катица Јанева и нејзините соработници и покрај сомнежите за тежок криминал, злоупотреби и целосно нарушен кредибилитет. Ова само заради информациите кои Катица Јанева ги поседува против него, а кои може да го одведат зад решетки. Исто така, за да продолжи врши дополнителни притисоци врз опозицијата на долг рок, како би добил во време за да ја продолжи безмилосната кражба на Република Македонија“, рече Јанушев.

Тој порача дека партијата бара, итно проширување на истрагата за случајот Рекет, не само кон извршителите, туку и кон нарачателите, кон СЈО, кон функционерите во СДСМ и кон сите вклучени.