Во среда треба да започне судскиот процес за невладината организација на Бојан Јовановски „Меѓународен сојуз“. Во јавноста овој случај е познат како „Рекет 2“, откако првиот дел од овој случај доби судска разрешница со пресуди за Боки 13 и Катица Јанева.

Во политичките кругови веќе се коментира дека власта со сите сили прави напор да се одложи почетокот на овој процес. Целта е јасна, на власта во овој момент никако не и одговара да се говори за криминалите кои во секој случај ќе испливаат кога ќе почнат рочиштата.

Власта најверојатно се исплаши од признанието на Јовановски по изрекувањето на пресудата дека „рекетираните пари во Македонија треба да се бараат кај Зоран и Вице Заеви“.

Од Кривичниот су потврдуваат дека подготвителното рочиште е закажано за во среда во десет часот.

Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе обвинение за случајот „Меѓународен сојуз“ против пет лица и тоа заменик-претседателката на Меѓународниот Сојуз – Јасна Мандиќ, таткото на Бојан Јовановски – Миле Јовановски, асистентката на Јовановски – Кристина Блажевска, пратеничката Фросина Ременски како и самиот Бојан Јовановски. Обвинителката Вилма Русковска ги товари за делата „Измама“ и „Перење пари“. Миле Јовановски се гони и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.

„Во периодот од 08.07.2017 година до 13.04.2018 година првообвинетиот (Бојан Јовановски) како претседател на обвинетата невладина организација, со намера за себе да прибави противправна имотна корист ги искористил документите од правното лице и две оштетени лица – управители на друштва ги довел и одржувал во заблуда. Тој лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата и оштетените вака доведени во заблуда на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција износи кои надминуваат значителна вредност и тоа 719.905 евра, односно 233.821 евра во денарска противвредност. Тројца обвинети со умисла му помогнале на првообвинетиот во измамата. Две обвинети лица му ставиле средства на располагање – ги изготвувале договорите, ги подигале уплатените пари и му ги давале на рака на првообвинетиот и со умисла му помагале да ги пушти во оптек иако знаеле дека потекнуваат од кривично дело Измама и Примање награда за противзаконито посредување. Второобвинетата (Јасна Мандиќ) откако првообвинетиот ќе и дадел готовински средства, иако немала никакво легално покритие, ги уплаќала во вид на донација или по основ на позајмица на правните лица поврзани со првообвинетиот. Третообвинетата (Фросина Ременски) со својот углед и авторитет го поддржувала првообвинетиот на средбите со оштетените, давајќи му совети и упатства за да оштетените стекнат доверба во наводниот проект и однапред да уплатат одреден износ пари и да ги потпишат договорите“, стои во Обвинението.

Обвинителството го сомничи Миле Јовановски дека тој знаел од каде потекнуваат парите и со умисла му помогнал на неговиот син Бојан Јовановски да ги пушти во оптек, со што ги уплаќал парите на своја девизна сметка, а дел од нив ги уплаќал на правните лица како позајмица.