Ќе имаме ли антикорупциска комисија пред почетокот на изборите за претседател. Судејќи по брзањето на власта тоа најверојатно ќе се случи.

Вицепремиерот Бујар Османи денеска објасни дека не било убаво пред Брисел да оставиме порака дека пред почеток на изборниот процес државата да остане без оваа важна комисија и дека затоа законот во Собрание ќе се турка со европско знаменце.

Предлогот, објаснува Османи е целосно според препораките на Европската комисија.

Македонија е без комисијата за спречување на корупцијата откако поголемиот дел од членовите си поднесоа оставка поради скандалот дека си доделувале високи дневници. За да се избере нов состав неопходно е да се направат измените во законот за корупција.

ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјасни дека во ваква форма нема да го поддржат предлог законот и дека основен принцип на овој закон е формирање нов чадор што би служел во подоцна фаза за притисок врз политичките неистомисленици.

Затоа попладнево се очекува средба меѓу работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за Законот за спречување корупција на која ќе се разгледуваат забелешките на опозицијата.