Основниот граѓански суд во Скопје ги усвои тужбите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за клевета. Мицкоски на суд ја доби правната битка против СДСМ и Љупчо Ристовски од Интегра.

Во судската пресуда за случајот против СДСМ, судот пресудил дека партијата на својата официјална страна, а пред пошироката јавност со намера да нанесе штета на честа и угледот на тужителот изнел невистини факти дека „Мицкоски му е вечен должник на Груевски. Тој мора да го штити и прави онака како што сака Груевски. Политиките на Мицкоски се политики на Никола Груевски.“

Судот утврдил и дека СДСМ го навредила Мицкоски со изнесување невистини и нарушување на угледот и честа со изјава дека „Мицкоски е пион кој се збогатил благодарение на неговиот шеф и ментор.

СДСМ изнела невистини и со изјавата дека „Во 2015 година, Груевски му доделил на Мицкоски и неговата фирма „Енерготек ДОО“ 33.000 квадратни метри државно земјиште за изградба на хидроцентрали. Фирмата е 99% сопственост на Мицкоски, а не 7% како што ја лаже јавноста.“

Покрај добиената тужба поднесена против СДСМ, Мицкоски по судски пат за клевета и навреда го доби и Љупчо Ристовски од Интегра.

Судот утврдил дека тужениот Ристовски со цел да го наруши угледот на Мицкоски изнел невистини дека ВМРО-ДПМНЕ и лидерството било против македонските национални интереси.

Со фејсбук статус се јави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој напиша дека и со вака исклучително заробено судство, со исклучително ниска доверба, вистината не може да се заобиколи, а лагите да бидат премолчени.

Канонадата на клевети, лаги и измислици од СДСМ и останатите нивни јавни, полутајни и тајни партнери, доаѓа време да се разобличи. Инстант клеветите и невистинитите афери нема да им донесат кариера на инстант залутаните во политика.

Ова значи дека сме на вистинскиот пат, се до конечна победа! Колку тие пониско удираат толку ние повисоко се креваме!, пишува Мицкоски во својата објава.