Владата и во процесот на прифаќање на францускиот предлог за кревање на бугарското вето за официјален почеток на преговортите на Република Македонија за членство во ЕУ тргна по бугарски стапки. Исто како кабинетот на Кирил Петков, и кабинетот на Димитар Ковачевски го испрати предлогот до Собранието без свој став. Оправдувањето или објаснувањето е дека прво треба да ги добие заклучоците на народните избраници, па да постапи по нив.
Засега единствената разлика е што во Бугарија и опозицијата и претседателот Румен Радев го повикуваа Петков да се изјасни за предлогот, па да го прати во Народното собрание, додека кај нас ваквиот повик отсуствува и од опозицијата и од шефот на државата Стево Пендаровски.
Во Бугарија клучот за разврска беше изјавата на поранешниот премиер Бојко Борисов дека неговата партија ГЕРБ ќе гласа за францускиот предлог, со што Бугарија целосно ја префрли топката на наш терен.
Бугарските медиуми пренесоа какво значење има за нив францускиот предлог:
После одржувањето на првата политичка меѓувладина конференција со Македонија и соодветно со Албанија за започнување на преговорите, патот на двете држави кон членството во ЕУ практично се раздвојува. Потоа тешко ќе се аргументираат обвинувањата на Бугарија дека поради блокирањето на Македонија ја попречуваме евро нтеграцијата на Западниот Балкан. Тоа значително ќе го ослабне надворешниот притисок кон Бугарија и ќе ги зацврсти бугарските позиции спрема Скопје, коментираат бугарските медиуми.
Разврската кај нас се крие зад фингирана широка општествена дебата, нескриени активности на македонската „длабока држава“ во конструирање меѓуетнички тензии и криење на клучниот документ – вториот билатерален протокол од заедничката македонско-бугарска меѓувладина комисија!!!
Власта и посебно министерот за надворешни работи сака овој протокол да го претстави само како обичен записник на меѓувладината комисија, но тоа апсолутно не е така. Зашто, во него се содржани, меѓу другото, и протоколите за постигнатата согласност на историската комисија за петте историски личности – светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум и царот Самуил – како и тајминзите и преземените обврски од македонска страна за наредниот период.
Токму ова го забележа и ексминистерот за надворешни работи и вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров во настапот во „Само интервју“ на Канал 5.
Малку треба да се забави ова, едно панично брзање. Ми пречи ова што овие „широки консултации“ се малку како фингирани. Како можеме реално сите аспекти да ги согледаме со време, со ладни глави, кога фали еден клучен дел во пакетот, а тоа е билатералниот протокол, изјави Димитров.
Тој посочи дека тоа е клучно зашто, како што рече, протоколот е вметнат во патот што се вели дека е европски.
Објавување на овој протокол побараа и помалите владини коалициони партнери ДС, ЛДП и ДОМ, но тие имаа посебни средби и со шефот на државата и со странските гости, па неизвесно е дали ќе опстојат на барањето.
Во основа, без знаење на содржината на овој протокол ниту една институција или организација во општеството не ќе може да донесе меродавна и издржана одлука за францускиот предлог.
По објавувањето на францускиот предлог во бугарските медиуми, единствено агенцијата БГНЕС ја објави наводно содржината на овој протокол и реакциите во нашата јавност беа максимално неодобрувачки, зашто според содржината, со него Македонија, фактички, преземала апсолутно неисполнувачки обврски. Меѓу другото, и дека ќе треба да се менува таблата на Самоиловата тврдина во Охрид.
Дека повеќе се работи за шпекулација, отколку за реална содржина на протоколот стана јасно по вчерашната изјава на бугарската министерка за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска. Токму агенцијата БГНЕС ја запраша дали се прецизирани протоколите и кога бугарското општество може да се запознае со нив. Генчовска потврди дека протоколите го гарантираат националниот интерес на Бугарија и дека се држат до одлуките на бугарското Народно собрание и додаде:
Имаме џентлменски договор со министерот за надворешни работи на РСМ, Бујар Османи, дека тие се склучени тој ден. Се надевам дека ќе се придржува до тоа, јас се придржувам до тоа. Нема да ги отвораме текстовите. Бидете сигурни дека тие целосно го гарантираат националниот интерес и целосно ги почитуваат одлуките на Народното собрание.
Оттука и дилемата дали „Бугар“ Османи ќе остане повеќе џентлем или лажго?!
Во отворената вербална „војна“ со Димитров околу неговото, како што го нарече, „пенавење“ за францускиот предлог, Османи објави бугарска верзија од првиот протокол, потпишан од Димитров, во кој тој, наводно, ја прифатил бугарската верзија за Илинденското востание како Илинденско-преображенско и барал од историската комисија побрзо негово решавање, како и решавање на ликот и делото на Гоце Делчев. Притоа, Османи го обвини Димитров дека во архивата на нашето МНР го нема токму тој дел од првиот протокол на меѓувладината комисија.
Comments are closed for this post.