Македонија направи скок од 16 места во глобалниот светски индекс за слободата на медиумите на Репоретери без граници (РСФ). За 2018 година Македонија е рангирана на 95. место, за разлика од 2017, кога сме биле на 111. место. Сепак, во однос на глобалниот резултат имаме пад од 0,77 процентни поени.

Главна забелешка на Репортери без граници оваа година е состојбата во јавниот сервис, МРТВ, каде владата сѐ уште не спровела реформи.

Иако ситуацијата се стабилизираше во 2018, новата влада сѐ уште не го изменила Законот за јавниот радиодифузер, спротивно на она што го најавуваше во 2017. Така што, засега, програмата на јавниот сервис продолжува да служи на интересите на поранешната владејачка конзервативна партија, ВМРО-ДПМНЕ, пишува во извештајот на Репортери без граници за оваа година.

Иако не се регистрирани напади врз новинарите во текот на минатата година во Македонија и безбедноста на новинарите бележи значителен напредок, Репортери без граници предупредуваат дека културата на неказнивост продолжува да владее во земјата. Само два од 59 регистрирани напади врз новинари во последните години биле предмет на истрага и добиле завршница.

Ова, според Репортери без граници, не е доволно за да се обесхрабрат одговорните за нападите.

Во делот на законските регулативи, организацијата за заштита на новинарите забележува дека се потребни измени во делот за клевета и пристапот до државни информации. РСФ нагласува и дека контроверзен амандман, со кој и се дозволува на Државната изборна комисија да го набљудува известувањето на изборите во електронските медиуми, е усвоено без дебата и без консултации.

Репортери без граници бараат да се посвети внимание на фактот што „високи владини функционери имаат вкоренета тенденција да им се закануваат и да ги навредуваат новинарите“.