Министерот за здравство Венко Филипче потенцира дека тогаш кога вакцината за КОВИД-19 ќе биде достапна за нашата земја таа нема да биде задолжителна, но посочи дека тој и неговото семејство ќе се вакцинираат. Вакцината рече Филипче, се развива на безбедна платформа.

Таа сега е во трета фаза на испитување, се виде дека дава антитела, но мора да се почека да се види колку ќе траат тие за да се знае дали ќе треба една или две дози.

-Вакцината не е во календар и нема да биде задолжителна, барем не на почеток. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите, кои ќе бидат препораките, рече Филипче во само интервју на Канал 5 телевизија.

Но, како што рече, многу е битно да се види дека дури сега сите сфаќаат колку е битно да има вакцина за некое заболување. Поради постоење вакцина кај нас за само шест месеци се заврши епидемијата на морбили, а сега за КОВИД никој нема таков инструмент и затоа пандемијата не може да заврши.

За пристап до вакцината за коронавирусот, како што рече, постојат два механизма. Едниот преку СЗО механизмот наречен КОВАКС, преку кој оваа организација се обврза еднакво да дистрибуира вакцина до сите земји се додека не се вакцинира 20 посто од населението.