Низа скандали го одбележуваат раководењето на Венко Филипче со Министерството за здравство. Сомнителни тендери, висока корупција, скандали со пациенти се само дел од ситуациите на кои јавноста во изминативе години беше сведок.

Пандемијата со коронавирусот особено на површина го извади лошото менаџирање со состојбата. Додека министерот Филипче и владата уверуваа дека состојбата е под контрола, граѓаните секојдневно преку медиумите и социјалните мрежи ги споделуваа своите негативни искуства.

Додека Филипче уверуваше дека за секој граѓанин на кого му е потребна хоспитализација има слободен кревет и никој нема да биде вратен назад, граѓаните јавно говореа и сведочеа за личната или голготата на своите блиски. Од хоспитализација во болнички ходници, до наоѓање врски за да се дојде до медицинска помош во болнички услови. На голем дел вратите им беа затворани со образложение дека немаат место и беа препраќани и вртени низ болничките лавиринти.

Наместо граѓаните на дело да го видат она во што надлежните ги уверуваа, голем дел мораа сами да се снаоѓаат со лекови, кислород. Пропусти се правеа и во навидум добрата организација во следењето на кластери. Надлежните не најдоа решение како да дојдат до податоците од оние граѓани кои одбиваа да ги кажат своите контакти или даваа лажни податоци.

Граѓаните бурно реагираа и на ненавременото носење на рестриктивните мерки, како и на носењето на несоодветни мерки во даден период. Она што е еден од поголемите пропусти кога станува збор за коронакризата е немањето вакцини. Додека сите држави набавуваа и наоѓаа начини да дојдат до вакцина повеќе за своите граѓани, Владата и Министерството за здравство потфрлија. Јавноста добро памети дека вакцинацијата во Македонија започна благодарение на донираните вакцини од соседна Србија.

И обидот за набавка на вакцини од Кина не помина без скандал

Италијанскиот весник „Ла Верита“ во март годинава објави писма и документи за набавката на вакцини од Кина. Весникот пишуваше дека кинеската компанија ја откажала зделката плашејќи се од измами, бидејќи според објавите на „Ла Верита“ Заев одел преку фирма посредник која била фантом компанија со нестабилни темели во Хонг Конг.

Во официјалните изјави на Заев и Филипче, кои неколку пати го најавуваа доаѓањето на кинеските вакцини во Македонија, истакнува дека причина за враќање на авансот за кинеските вакцини е поради усогласување на документацијата.

Ла Верита

Заев тогаш потврди дека се обиделе преку поинаков пат да дојдат до вакцини, но негираше лоши намери или незаконско дејствување.

-Негирам какви било лоши намери или незаконско дејствување, зашто во овој период правиме напори да набавиме вакцина по сите можни канали. Јас ја информирав јавноста, и министерот за здравство информираше дека после две недели чекање на активности на кинеската амбасада, ние директно преку ‘Синофарм’ не можевме да добиеме контакт и дадовме нарачки преку приватни компании кои Министерството за надворешни работи не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен. Сега очекуваме да стигнат нарачките преку МНР на Кина, односно преку кинеската амбасада, рече во март Заев.

Во тој период и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во јавноста излезе со информаци дека власта платила екстремно висока цена за набавка на 200 илјади кинеските вакцини Синофарм. Тој објави и документи, според кои, како што вели, вакцините од Синофарм чинеле 7,8 милиони долари. Тоа, според Мицкоски, е двојно повеќе од продажната цена на вакцините.

-Со овој документ се потврдува целата афера околу обидот на македонската влада да набави кинески вакцини преку фирмата посредник „Стабри“. Владата во месец февруари на фирмата со седиште во Хонг Конг и уплатила 7.8 милиони долари, со што излегува дека една вакцина од кинеските „Синоифарм“ би чинеле 65 долари, истакна тогаш Мицкоски на брифинг со новинари.

Борба за живот, за кислород

За несоодветното менаџирање и справување со коронакризата сведочеше и младата Михаела која ја загуби својата мајка. 41 годишната жена се лекувала во штипската болница од коронавирус, а Михаела објавувајќи ги пораките од својата мајка по нејзината смрт истакна дека жената молела за кислород.

илустрација

– Во периодот од 7:00 – 8:00 на 14.11.2020 по повторно милион обиди да ги добиеме, докторот ни кажа дека ,, во тешка ситуација е, има бронхопневмонија на целите бели дробови, ќе мора да се јавите до после пак за да видиме како ќе биде“. После еден час од мојот разговор, добивме инфомација дека мајка ми е мртва. Се помиривме со сето ова. Судбина. Тие направиле се што можеле, толку можеле и на телефон да ни кренат за информација. Презафатени се со пациентите. Тие се грижеле за мајка ми, но не можеле ништо да направат. Сето ова беа мои зборови за утеха на моето семејство и зборови во кои што верував и бев сигурна. Но, знаете до кога? До пред половина час господине Венко Филипче. Додека не го зедов телефонот на мајка ми кој ни го вратија за да ги прочитам сите утешни зборови што и ги пишав нејзе, но таа не била во состојба да ги прочита и не ги видов сите нејзини неуспешни обиди да го добие дежурниот медицински персонал. Сите повици во кои мајка ми се обидела да добие помош, да добие кислород за да диши, но секако, никој не ја удостоил со одговор. Клучната ноќ, по нашиот последен „нормален“ разговор мајка ми се обидувала да добие помош со 10 повици од 20:23 – 20:29. Има и две молби за шанса за живот од кои едната гласи ,,Ова е итно. Јави ми се. ” и ,, Боца кислород треба горе во четворката “. Мајка ми нема да ја вратиме, на мајка ми никогаш повеќе нема да и биде потребен кислород, мајка ми повеќе никогаш нема да моли за шанса да живее, напиша тогаш Михаела на нејзиниот Фејсбук профил.

Инспекциска контрола беше испратена во болница за да го испита случајот и утврди дека пациентката била лекувана според предвидените протоколи.

Органите на родилката Јилдиз Веапоска

Цела македонска јавност беше згрозена и шокирана од скандалот со струшката болница каде што родилка од Дебар остана без три органи, а случајот шест месеци се заташкувал. 28 годишната медицинска сестра во Брза Помош, цели 4 дена ги поминала во вистинска агонија во болницата во Струга пред докторите воопшто да се решат да проверат зошто тукушто породената мајка има толку силни болки во стомакот. Иако постојано се жалела дека не се чувствува добро, докторот Асани три дена по породувањето и донел отпусно писмо и и рекол дека е подготвена за дома.

Само што го повикала сопругот, ситуацијата и се влошила. Влезот во операционата сала е последното нешто нашто се сеќава. По 10 дена во кома се разбудила наскопските клиники кога дознала дека нема матка, јајник и еден бубрег. Во домот на Д-р Мухамед Асани беше откриена нерегистрирана гинеколошка ординација на д-р Асани и за неа нема никаковдокумент. Комисијата која го испитуваше случајот, составена по налог на министерот Филипче, утврди дека не се констатирани неправилности, пропусти и недостатоци во нејзиното лекување. Веапоска и нејзиното семејство најавија дека правдата ќе ја бараат по судски пат.

Додека често властите го вперуваа прстот кон граѓаните за непочитување на мерките, јавноста сведочеше и медиумите пишуваа за луѓе кои остануваа инвалиди или ја губеа борбата за живот. Инспекциите, тие констатираа работа на здравствените институции според протокол.