Даваме рок до вторник рано претпладне Министерот за здравство и неговиот заменик да ги достават своите оставки до Собранието како би можело тие да бидат констатирани на почетокот на веќе закажаната нова седница истиот ден.

Доколку не бидат поднесени овие оставки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, секако со понудена соработка и на други пратенички групи и пратеници, врз основа на член 184 став 1 од Деловникот, ќе поднесе до Собранието Предлог одлука за разрешување на министерот за здравство и заменикот на министерот за здравство, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

Мицкоски информираше дека предлог-одлуките за разрешување ќе биде доставени во вторник пред одржувањето на веќе закажаната седница со барање да бидат ставени токму на дневен ред на истата седница.

– Штом премиерот Заев си подигрува со Собранието и не ги доставува оставките до органот кој е надлежен, органот кој ги избрал министерот и заменик министерот, тогаш ќе одиме по оваа процедура, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека, уште по првиот ден по пожарот во модуларната болница во Тетово, каде животот го загубија 14 лица, ВМРО-ДПМНЕ побарала оставка од морални и функционални причини.

– Но, веќе е јасно дека доколку во нормални држави министрите даваат оставка поради доцнење од 5 минути на работно место, во Македонија имаме 14 изгорени тела, 14 невини жртви во болница која е надлежност на државата, министрите и Владата за жал не чувствуваат морална одговорност. Наместо оставка поради морални причини на министерот за здравство, видовме партиски, штабски инструирана кампањата на организирано жалење за фингираната оставка на министерот за здравство, која патем ја дал до премиерот, а не до институцијата која го избира, а тоа е Собранието. И истата таа институција ја констатира таа оставка, нагласи Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека фотелјата на Филипче не е поважна од прерано згаснатите 14 човечки животи.

– Кога знаеме дека тие кои што треба да ја имаат највеќе одговорност и морал, тие за жал тоа не го чувствуваат – морална одговорност, ја молам јавноста да се насочи кон она што е поважно во овој момент, а тоа е вистината и нужноста од кривична одговорност од која не смее да има бегање. Она коешто во овој момент не е најважно, тоа е оставката на министерот за здравство, таа треба час поскоро да се случи, туку одговорите на следниве прашања: На кој начин и со каков квалитет е градена болницата, какви биле проектите и тендерската постапка, дали има дозвола за употреба на објектот, зошто немало противпожарни апарати и систем за противпожарна заштита, и зошто роднините на пациентите се грижеле за болните и дали причината е недостаток на медицински персонал, посочи Мицкоски.

Тој нагласи дека за да се дознае сето тоа потребна е истрага, која ќе биде неутрална и објективна.
Наспроти тоа во текот на вчерашниот ден, наведе Мицкоскии, прочитавме дека Зоран Заев самиот добивал детали од истрагата и веќе не се крие дека е во постојана комуникација и координација со неговите партизирани СДСМ-обвинители.

– Наместо истрaгата да се занимава со одлуки на Министерството за здравство и Владата на Република Македонија кои предизвикуваат смртни последици на наши сограѓани, таа истрага предводена од штабски партиски СДСМ обвинители на дневна база го информира премиерот, кој попатно е другар и бизнис партнер на министерот за здравство, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ во следниот период ќе преземе повеќе чекори во насока на расчистување на оваа тажна трагедија.