Со 65 гласаа „за“, ниту еден против или воздржани Собранието доцна синоќа го усвои Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица. Законот ќе почне да важи од 1 јули.

Според законското решение, физичките лица ќе имаат право на враќање на 15% од ДДВ искажан во фискалните сметки.

За остварување на ова право, граѓаните ќе треба да ги пријавуваат податоците од бар кодот на фискалните сметки кои ги добиваат при купување на добра и услуги, преку апликативен софтвер за оваа намена на органот за јавни приходи.

Заменик министерка за финансии Ширете Елези рече дека се очекува и зголемување на регистрираниот промет, како и зголемена наплата на даноците, односно намалување на даночната евазија од даночните обврзници.